Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска изјави дека е длабоко загрижен за ситуацијата на северот на Косово и повторно повика на смиреност, предвремени избори и враќање на дијалогот меѓу двете страни.
Лајчак синоќа заедно со американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар разговараше со премиерот на Косово Албин Курти и првиот вицепремиер Бесник Бисљими.
„Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата на северот и повикуваме на итна деескалација на теренот, предвремени избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација на односите“, напиша Лајчак на Твитер.
На средбата со европските и американските емисари, Курти изразил безрезервна подготвеност и непоколеблива добра волја за интензивен и заеднички ангажман за деескалација на ситуацијата и нормализација на односите, соопшти претходно денеска косовската влада.
Како што се наведува во соопштението на Владата на Косово, на средбата биле разменети мислења за состојбите и последните случувања, идеи за деескалација на северот и итноста од спроведување на Основниот договор и Анекс за имплементација.
Лајчак и Ескобар на косовскиот премиер му поднесоа предлог од три точки за излез од кризата на северот на Косово, првата е деескалација на ситуацијата, втората е брзи избори на север и третата е враќање на дијалогот за нормализација.