Во моментов Европската Унија е заинтересирана да го штити европскиот континент и го гледа забрзаното проширување како безбедносен влог, истакна поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска за време на панел- дебатата „Европски фронт“ организирана по повод годишнината на ДУИ.
Шеќеринска пред присутните истакна дека кога станува збор за влезот на нашата земја во Европската Унија таа одбира да биде оптимист и покрај сите искуства кои се позади нас.
– Јас после толку години избирам сѐ уште да сум оптимист, кој има многу добри и лоши искуства. Тие искуства, ме научиле дека за млади, независни држави сѐ е потешко и дека е џабе да плачеме – истакна Шеќеринска.
Според неа, малите и млади држави мора да научат да ја читаат геополитичката карта и сами да ја изодат, велејќи дека кога големи и важни држави прават стратешки грешки тоа се грешки, но кога мали и млади држави прават стратешки грешки тоа е катастрофа.
Таа се осврна и на ситуацијата во Украина за која рече дека ќе влијае на проширувањето на Европската Унија.
– Прашање кое се поставува во јавноста е дали стварно војната во Украина ја смени толку геополитичката карта што сега има поголем апетит за проширување, одговорот е апсолутно да. Тешко е да се прогнозира колку тој апетит ќе трае, тешко е да се прогнозира во каква форма ќе биде, ама ако малку сме ги следеле проширувањата ќе видиме дека Европската Унија е родена и проширена во војна. Уште во тек на Втората светска војна идејата за ЕУ е создадена – потенцираше Шеќеринска.
Шеќеринска истакна дека шансата треба да се искористи и дека тоа нема да го направат сите земји на Западен Балкан, заклучувајќи дека сите присутни на панел- дебатата„Европски фронт“ немаат дилеми дека Северна Македонија треба да ги направи уставните измени за да си даде шанса да го почне и заврши целиот процес на преговарање.