Премиерот Димитар Ковачевски вели дека оставил на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да си избере во кој формат ќе биде лидерската средба која е закажана за в среда во Клубот на пратеници.
– Не знам дали имаат доверба меѓусебе, па дали смеат да зборуваат сами на средба. Тие го избраа форматот и на средбата ќе се зборува на две теми: евроинтеграција и активности на сите политички чинители во однос на односите со соседите. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе подржи интеграција и очекувам да разговараме за сите аспекти на овие значајни теми и се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик за европската интеграција – рече Ковачевски.
Запрашан дали ќе се зборува за предвремени избори, Ковачевски рече дека изборите ќе се одржат во редовните термини, прво претседателските, па потоа редовните парламентарни избори.
Тој се надева дека сите пратеници ќе бидат на нивото на задачата и дека ќе гласаат за отпочнување на постапката на отворање на Уставот.
ВМРО-ДПМНЕ потврди дека во среда во Клубот на пратеници во 11 часот ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Форматот на средбата ќе биде тет-а-тет. До средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе изврши широки консултации со Пратеничката група, Коалицијата и Извршниот Комитет. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова собрание нема легетимитет за таков чекор. Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.