Владимир Путин веќе има покана. Сите шефови на држави на земјите од БРИКС – Кина, Индија, Бразил, Јужноафриканската Република (ЈАР) и Русија – добија покана за самитот, изјави јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор, објави Дојче веле.
Самитот треба да се одржи во август. Она што за четворица шефови на држави ќе биде само запис во дневникот со термини, е исклучително жешко прашање за рускиот претседател Владимир Путин. Затоа што, ако стапне на јужноафриканско тло, тој ќе мора да биде уапсен и екстрадиран. Меѓународниот кривичен суд (МКС) во март годинава издаде налог за апсење на Путин. И Јужноафриканската Република се приклучи кон Римските статути, односно основата на договорот за МКС. Тоа значи дека земјата ќе мора да го екстрадира Путин. Меѓутоа, во претходните изјави, членовите на владата се осврнаа на имунитетот: сите членови на меѓународни конференции уживаа имунитет во Јужноафриканската Република:
– Имунитетите постојат за воопшто да се овозможи меѓународното право, меѓународните односи – вели Кристоф Заферлинг, професор по меѓународно право на Универзитетот „Фридрих-Александер“ во Ерланген-Нирнберг.
Конечно, шефовите на влади треба да можат да се состанат без страв дека ќе бидат обвинети пред националните судови.
Сепак, имунитетот има граници. Во неколку судски одлуки, Меѓународниот кривичен суд потенцира дека пред меѓународните судови завршува и имунитетот на актуелните шефови на држави.
– Тоа е правното правило според статутот, и нема исклучок – вели Заферлинг.
Со други зборови: правно валидни не би биле дури ни имунитети на конференции на претседател по кого има распишано меѓународен налог за кривичен прогон.
Така е и според јужноафриканскиот закон. Затоа што веќе постои преседан. Владимир Путин е вториот актуелен шеф на државата против кого МКС издаде налог за апсење. Првиот беше тогашниот судански претседател Омар ал-Башир. И тој во 2015 година дојде на конференција во Јужноафриканската Република. Земјата уште тогаш требаше да го екстрадира диктаторот – наместо тоа, тој непречено си замина во тајно испланирана акција. „После тоа, Уставниот суд во Јужноафриканската Република пресуди дека Јужноафриканската Република требало да го уапси, дека, во принцип, владата го прекршила сопствениот закон, а овој правен принцип важи и денес. Тоа значи дека неекстрадирање на Путин би го прекршила меѓународното и јужноафриканското право“, вели Кристофер Бурк, истражувач во Лајбниц-институтот Хесенска фондација за истражување на мир и конфликти (ХСФК).
Путин добредојден како гостин?
Па, што ќе се случи? Дали би било замисливо Јужноафриканската Република сепак да го покани Путин? Теоретски да, бидејќи МКС има само малку опции за санкционирање.
– Може да се упати опомена и да се укаже дека овој налог за апсење постои и мора да се изврши, а потоа јасно да се наведете неуспехот на Јужноафриканската Република. Но, тоа е отприлика сѐ – објаснува Заферлинг.
Бидејќи за разлика од националните држави, МКС нема полиција која го спроведува важечкото право. И така, Кривичниот суд зависи од тоа дали државите кои се потпишале на статутот го почитуваат.
– Секој што не го прави ова и не го поддржува извршувањето, го ослабува судот. Тоа е сосема јасно, затоа што тогаш налогот за апсење не би вредел ниту колку парчето хартија на кое е напишан. Тоа би било слабеење на судот – вели Заферлинг.
Првично, налогот за апсење на Путин беше замислен како силен сигнал. Дури и политичар толку моќен како Путин не треба да се чувствува безбеден од кривично гонење. „Меѓународниот кривичен суд го направи тоа за да биде слушнат, да каже ‘тука сум, можам да го направам тоа, сакам да го направам тоа и ќе го спроведам’“, вели Заферлинг.
Според него, меѓународното право има добиено генерално на значење. За разлика од 2015 година, кога Ал Башир отпатува во Јужноафриканската Република, сега однапред се разговара за тоа, а налогот за апсење се сфаќа сериозно.
– Веќе не е толку лесно да се заобиколи, има дури и налог за апсење во таков случај. Тоа сега секогаш треба да се вклучи во дипломатските преговори. Веќе не е можно без него, и тоа е всушност навистина добра вест – оценува Заферлинг.
Оценката на неговиот колега Бурк не е толку оптимистичка. Тој стравува дека налогот за апсење на толку истакнат актуелен претседател може да има негативен бумеранг ефект врз Меѓународниот кривичен суд. „Постои исклучително голема опасност од создавање случај во кој едно лице е обвинето, но тоа лице не може да се уапси со години. Всушност, може да се претпостави дека ако Путин не направи никакви грешки, тогаш тој нема да биде уапсен. Тоа значи дека ќе имате отворен случај со години и децении. Тоа е многу опасно за фактичката функција на судот – да зборува преку судски одлуки“.
Сè уште нема многу вакви случаи. Путин е втор актуелен шеф на држава против кого има налог за апсење. Колку ќе биде успешен МКС во голема мера зависи од неговите земји-членки.