Откажувањето од руски енергенси, како што бара Европската Унија, може да биде погубно за македонската економија и може да се реализира само ако Европската Унија се согласи да ја плати разликата во цената помеѓу евтините руски енергенси и далеку поскапите алтернативни извори на снабдување – велат домашни експерти за економија и енергетика.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера уште еднаш ја предупреди земјава, заедно со другите од Западен Балкан, да се откаже од руските фосилни горива. Дали ова е економски оправдано за земјава која нема ниту сопствени извори од ваков вид горива, ниту пак има можности да избира поскап енергенс, наместо поевтин, со оглед на својата економска моќ, е прашање кое треба да го одговори власта која уште лани прифати да се ослободи од руските енергенси.
Фон дер Лајен вчера на претставниците од регионот им предложи да размислат за енергетскиот пазар.
– Регионот на Западен Балкан има огромен потенцијал да се диверзифицира од руските фосилни горива. Но, треба да ја зголеми енергетската ефикасност, да ја засили диверзификацијата и да го забрза распоредувањето на повеќе обновливи извори – рече Фон дер Лајен
Владата од своја страна тврди дека досега се направени сите потребни чекори за замена на руските со другите енергенси преку либерализација на пазарот на природен гас, но целосната замена не зависи од нас, туку од Бугарија која има договор за набавка на гас со Русија односно со компанијата „Гаспром“.
Енергетски експерти велат дека во овој случај владата, треба да го одбере економскиот интерес на државата пред политичкото угодување на европските барања, бидејќи може да се доведе во состојба да не може да ја плати цената на енергенсите.
– Прашање е колку ние како држава сме подготвени да се откажеме од економски прифатливите цени на овие енергенси од Русија и многу поскапите од други извори, бидејќи економски не сме моќни, ниту пак имаме сопствени извори за да можеме да одбереме поскап гас или нафта од руските. Посебен проблем е тоа што државата не купува гас, туку преку јавни набавки на ЕСМ купува гас од различни приватни компании, за кои не се знае од каде го набавуваат гасот и како тој доаѓа во земјава. Иста е состојбата и со нафтата, која доаѓа од најразлични извори. Што може да значи дека ние и воопшто да не се снабдуваме со руски енергенси, но затоа пак прифаќаме вазалска положба кон Европската Унија – вели професорот Константин Димитров.
Според него, како држава која е мал потрошувач на овие енергенси, не е добро да прифаќаме сè што се бара од нас, особено што тоа е на наша штета.
– Ако се глупираме и прифаќаме да плаќаме повисоки цени, што економски е неоправдано, тогаш може да се доведеме во состојба да не можеме да го платиме и она малку гас кој треба да го набавиме – вели тој.
Сличен е и ставот на неговиот колега Ристо Цицонков. Тој вели дека ако ЕУ сака да не спречи економски да размислуваме и да купуваме енергенси кои одговараат на нашите можности, тогаш треба да ја плати разликата во цената на овие енергенси
– Прво да кажам дека не е европски од претседателката на Европската комисија да не тера неевропски да се однесуваме, но кога државата ги ослабе своите позиции и на економски план сега е принудена да прифаќа се. Мислам дека не треба да прифаќаме барање да се однесуваме неекономски зашто цената на овие енергенси од други извори за државава ќе биде многу повисока што го видовме и ланската година. Секако, ако Унијата бара од нас слепо да го почитуваме тоа барање, тогаш нека ни ја плати разликата во цената – вели Цицонков.
Од владата велат дека во изминатиот период се направени потребните активности за замена на руските енергенси со другите енергенси преку либерализација на пазарот на природен гас, но во тоа не сме успеале целосно поради други причини, а не поради тоа што не сакаме тоа да се случи.
– Владата ги направи сите потребни чекори за да се либерализира пазарот на природен гас и тоа веќе се случува. За првпат оваа година, на нашиот пазар се троши природен гас, што користи различни извори од рускиот природен гас. За целосно да се тргне оваа зависност, треба да се реши проблемот во Република Бугарија, каде Гаспром има резервирано целосен капацитет за пренос во мрежата на Булгартрансгас, со долгорочен договор, и решавањето на овој проблем не зависи воопшто од нас. Кај нас има целосна либерализација на пазарот. Тоа што беше можно, зголемување на овој капацитет ние веќе сме го направиле со потпишување на интерконекцискиот договор помеѓу двата преносни оператори – велат од Владата.
Оттаму додаваат дека се работи и на планот на обезбедување на нови извори на снабдување со гас и преку изградбата на поврзувањата со гасоводните системи на Грција и актуелните големи гасоводи кое е во фаза на одбирање на надзорен орган на изградбата.
– Во фаза на евалуација се понудите за ангажирање на надзорен орган и потпишувањето на овој договор ќе биде многу скоро. Овој договор за надзор ќе се реализира со грант средства добиени од WBIF. Сите постапки се синхронизирани помеѓу двата оператори за пренос „Номагас“ и ДЕСФА. Штом ќе се потпише овој договор, многу скоро ќе се објави и постапката за ангажирање на операторот за изградба. Веќе се потпишани договорите со ЕИБ за заем, и со WBIF за грантот за изградба во висина од 10 милиони евра. Во текот на третиот квартал оваа година треба да се потпише и договорот со ЕБОР за остатокот на заемот. Во текот на четвртиот квартал ќе се потпише и договорот за изградба, и до крајот на годината треба да започне изградбата. Веќе е изменет проектот и планирано е во овој гасовод освен природен гас да се пренесува и водород – велат од владата.
Владата според законските обврски им ги препушти договорите за снабдување со гас на лиценцираните компании.
– Договорите за снабдување со природен гас, ги потпишуваат операторите што се лиценцирани за вршење на оваа дејност според законско пропишани постапки. Се разбира дека Владата беше целосно ангажирана за да помогне во обезбедување на потребните количини за изминатата грејна сезона и секако дека ќе биде ангажирана и за претстојната грејна сезона, но сето тоа мора да биде во согласност со позитивните законски прописи – велат оттаму.
Од владата додаваат дека се доставени и сите податоци потребни за работата на европската платформа за енергенси во Бугарија.
– Во рамките на оваа платформа ние ги доставивме сите побарани и потребни податоци, но тоа е во рамките на обезбедување на количините, не само за нашата држава, туку за целиот регион. Другиот дел треба да го направат операторите во рамки на законските надлежности и дејноста којашто ја вршат – велат од владата.
Владата уште минатата година прифати да ја намали зависноста на земјава од рускиот гас, и прифати да бидеме дел од санкциите наметнати врз Русија како одговор на воената инвазија врз Украина.