Главниот фокус на критиките на т.н. Огнена група во ДУИ се Артан Груби и неколку министри, вели Висар Ганиу, градоначалник на скопската општина Чаир, во интервју за порталот Република. Тој вели дека не знае зошто лидерот Али Ахмети има толкава доверба во Груби.
– ДУИ не е истата партија и функционира поинаку од тоа што го знаеме од порано. Никогаш вака не сме ја гледале партијата. Ова е тотална анархија што владее во ДУИ, има различни изјави. Нас не нѐ канат во партијата, не одиме таму, бидејќи во сите групи на Вајбер и на Ватсап нѐ избришаа. Имаа и два состанока на кои не бевме поканети – вели Ганиу.
Кога ДУИ функцонираше на јаки столбови, вели градоначалникот на Чаир во интервјуто, овие работи беа минорни и со ова партијата никогаш не се занимавала и затоа имала симпатии кај народот.
– Колку и да не е убаво кога некој те критикува, тоа е придонес да се поправиш. Но, сега таму се луѓе кои се без никаква база, како што е Артан Груби. Јас сум убеден дека тој и во негова месна заедница нема да помине, а не да стигне до тоа ниво. Нормално е дека ќе воведат такво функционирање, кое наликува на Мендух Тачи и на партијата ДПА, кога беше во пад и кога тие гледаа да се спасат преку вакви работи, а не да се анализираат меѓу себе, да ги гледаат грешките и да ги поправат. Во моментов Артан Груби е број еден, згора на тоа е и вицепремиер и му се реваншира на секој директор кој мисли исто како нас. Груби менаџира со сите министерства, со сите директори и практично се е под негова контрола. Ова го велам со голема одговорност. Секој што не мисли како Груби, тој веднаш го брише и го елиминира и паралелно формира други органи и на свој начин владее со сите тие организации и форуми внатре во партијата – тврди Ганиу.