Косовскиот премиер Албин Курти денеска учествува на глобалната безбедносна конференција Глобсек во Братислава.
На Твитер на оваа конференција беше објавено дека Курти „веќе пристигнал во просториите каде што се одржува конференцијата“.
„Премиерот на Косово Аљбин Курти пристигна на форумот #GLOBSEC2023 во Братислава. Слушнете го подоцна во разговорот насловен: Во центарот на вниманието: Иднината на Косово“, се наведува на Твитер.
Портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Криезиу, вчера изјави дека поради ситуацијата на северот на Косово, Курти го одложил учеството на конференцијата.
„Планирано е да се оди. Но, поради случувањата во земјава, учеството беше одложено. Се уште не е дефинитивно дали ќе учествува или не“, изјави вчера Криезиу.
Вчера посетата на Братислава ја откажа и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој објасни дека го откажал патувањето „затоа што ми е поважно да бидам со мојот народ и денеска ќе ги посетам нашите војници“.