Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска изјави дека присуството на припадниците на КФОР не ја гарантира безбедноста на српскиот народ на Косово и Метохија.
„Целосно несоодветна реакција на припадниците на КФОР кон голиот српски народ кој го брани своето право да живее на Косово и Метохија. Нивното однесување покажува дека нивното присуство не ја гарантира безбедноста на српскиот народ“, напиша Додик на Твитер.
Тој оцени дека за актуелната состојба на северот на Косово единствено одговорни се претставниците на меѓународната заедница кои, како што нагласи, создаваат неодржливи решенија со непочитување на меѓународното право и потпишаните договори.
„Република Српска му дава целосна поддршка на нашиот народ во нивните барања да му обезбеди нормален и мирен живот“, рече Додик.
Тој најави дека во наредните денови Народното собрание на Република Српска ќе донесе декларација за поддршка на српскиот народ на Косово и Метохија и територијалниот интегритет на Србија.
Во судирите на северот на Косово, каде српските демонстранти бараат повлекување на градоначалниците Албанци, во понеделникот во судирите меѓу Србите и КФОР беа повредени повеќе од 50 лица.