Локалните власти ја објавија причината за промената на бојата на водата во Големиот канал во Венеција.
Како што објави „Гардијан“, локалните власти соопштија дека оваа промена се должи на флуоресцеинот, нетоксична супстанца што се користи за тестирање на мрежите за отпадна вода.
Жителите забележале дека водата во каналот позеленила во неделата, за што полицијата ги истражувала причините, а се шпекулирало дека може да се работи за настап на екологисти.
Анализата покажа „присуство на флуоресцеин во земените примероци“, наведува регионалната агенција.
Резултатите „не покажаа присуство на токсични елементи во анализираните примероци“, се наведува.
Ова не е прв пат водата во овој канал да позелени.
Во 1968 година, аргентинскиот уметник Николас Гарсија Урибуру ја обои водата зелена со флуоресцентна боја за време на Биеналето во изведба за промовирање на еколошката свест.