Девет лица се ранети во понеделникот вечерта при пукање на плажата Холивуд, Флорида. На социјалните мрежи кружат видеа на кои се гледа како луѓето во паника бегаат од напаѓачите.
Неколку ранети се пренесени во детска болница, но властите сѐ уште не ја соопштуваат возраста на застреланите во нападот.
Меѓу ранетите, според агенциите, има шест возрасни и три деца, изјави Џенет Санчез, портпарол на локалниот здравствен систем.
– Сите ранети се во „стабилна состојба“, рече таа.
Според првите информации до пукањето дошло по расправија меѓу две групи луѓе, која завршила со огнена престрелка. Едно лице е уапсено, а по едно лице се трага, соопшти полицијата.
Пукањето се случило околу 6 часот и 30 минути попладне по локално време, на шеталиштето до плажата, во близина на продавница.
Сведок изјави дека бил на плажата кога слушнал пукање, а потоа се сокрил зад дрво и избегал откако полицаецот кој бил до него му рекол побегне. Друг сведок изјавил дека бил на патеката кога видел неколку помлади луѓе како се расправаат, а еден од нив извадил пиштол и почнал да пука.
Холивуд Бич е популарна туристичка дестинација во Флорида, околу 17 километри јужно од Форт Лодердејл и околу 32 километри северно од Мајами. Вчера беше американскиот празник Меморијален ден и имаше повеќе посетители од вообичаено.