Силите на КФОР и граѓани собрани пред општината Звечан на северот на Косово денеска се судрија нешто по 16:00 часот, фрлени се солзавец и шок бомби, а има и повредени.
Бета пренесе дека КФОР побарал да се расчисти преминот за возилата на специјалната единица на косовската полиција да го напуштат местото пред општината, што Србите не го дозволиле и покрај повиците на Српската листа.
Конфликтот започна кога припадниците на КФОР почнаа да туркаат луѓе, вклучително и новинари кои беа во првите редови. Толпата се спротивстави, а потоа беше фрлен солзавец, што се претпоставува дека го направил КФОР. Фрлени се шок бомби, солзавец, како и камења и шишиња. Се слушнале истрели и детонации.
Амбасадорите на западните земји акредитирани во Приштина побараа смирување на тензиите и им изразија поддршка на силите на КФОР.
Припадниците на КФОР успеаја да ја турнат толпата толку далеку што ги извлекоа заробените оклопни возила на специјалната единица на косовската полиција.
Околу 25 војници распоредени во мировната мисија на НАТО, КФОР во Косово се повредени денеска во судирите со српски демонстранти кои бараа смена на неодамна избраните градоначалници етнички Албанци, соопшти КФОР.
„Додека се спротивставуваа… неколку војници на италијанскиот и унгарскиот контингент на КФОР беа цел на неиспровоцирани напади и се здобија со скршеници и изгореници поради експлозија на запаливи средства“, се вели во соопштението на КФОР.
НАТО остро ги осуди „неиспровоцираните напади“ врз трупите на КФОР, додавајќи дека „таквите напади се целосно неприфатливи“.
Исто така, во близина на општинската зграда гори службено странско возило.
На повредените им е укажана лекарска помош во Здравствениот дом во Звечан, а оние со посериозни повреди се пренесени во болницата во Косовска Митровица.
Во Лепосавиќ и Зубин Поток немаше тензии, а граѓаните се разотидоа и најавија нов собири за утре.
Најмалку двајца Срби се ранети, од кои еден млад човек е тешко повреден од огнено оружје, пишуваат српските медиуми. Доктор Златан Елек, директор на КБЦ во Косовска Митровица, за „Новости“ вели дека повеќе од 50 граѓани дошле во оваа здравствена установа со повреди од шок бомби, гумени куршуми и боева муниција.
Еден маж моментално е во операциона сала и лекарите се борат за неговиот живот. Тој има прострелна рана во пределот на карлицата. Едно лице кое е тешко повредено во моментов е на дијагностика. А, меѓу повредените е и доктор Драгиша Миловиќ, претседателот на општина Звечан, кој беше погоден во пределот на градниот кош, но не се знае од што.
Припадниците на КФОР се обиделе насилно да ги вовлечат претставниците на Српската листа во својот кордон, а потоа дошле шок бомби и бил фрлен многу солзавец. Чад ги покри улиците кои водат до општинската зграда.
Неколку амбулантни возила се паркирани во центарот и пружаат прва помош на повредени од солзавец.
Само неколку минути пред тоа, Игор Симиќ, претставник на Српската листа, ги повика граѓаните, кои се повеќе од илјада, собрани пред зградата на општината во Звечан, мирно да седнат на земја, со кренати рацe.
– Се тресам. Плачам. Очајни сме. Имаат долги цевки. Нè натераа да трчаме. Не бркаа по улиците. Нè пцуеја, велеа „Марш дома, бегај“. Многу сум вознемирен. Ние излеговме и мирно протестиравме – јави репортерот на „Новости“ од местото на настанот.