Ќе ги предложам сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварување на втората стратешка цел, а тоа e членство во ЕУ. Се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за народот, а не за лична кариера на кој било политичар во државата, порача денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
– Уште еднаш одовде испраќам порака и повик за сплотеност, заедништво, обединување и издигнување над нашите политички, идеолошки разлики во име на поквалитетен живот и посигурна иднина за сите нас и за идните генерации – рече Ковачевски во неговото денешно обраќање на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“.
Ковачевски вели дека во периодот од 2006 до 2016 година тогашното раководство на државата решило да чека и не донело ниту една стратешка одлука за државата со што земјата заглавила во изолација 10 години.
– Еднаш раководството на државата во 2006 година реши да чека и чекаше од 2006 до 2016 година. Не донесе ниту една стратешка одлука за државата. 10 години на народот му продаваше реклами на ТВ на кои трошеа повеќе средства отколку што денес се трошат средства за изградба на градинки, нови школи, училишта или опремување на Армијата. На крајот поминаа тие 10 години, сите сфативме дека сме останале сами и изолирани. Затоа од 2016 година се донесоа одлуки со кои државата стана земја членка на НАТО, со кои државата почна преговори со ЕУ. Благодарение на тие одлуки денес ние сме држава која претстава со ОБСЕ, ние сме држава која од корисник на мировни мисии, пред 30 години, денес е земја во која други држави преговараат за решавање на своите проблеми. Јас, како што кажав пред неколку дена, ќе го предводам и ќе ги предложам сите потребни одлуки Северна Македонија да го продолжи својот пат во остварување на втората стратешка цел, а тоа е членство во ЕУ. Се надевам дека сите политички партии во државата, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за народот, а не за лична кариера на кој било политичар во државата – рече Ковачевски.