Граѓаните сѐ почесто се жалат дека во голем број трговски објекти не може да се купи разладена вода или друг вид пијалак, бидејќи ладилниците во кои се сместени, скоро и да не ладат. Трговците, пак, тврдат дека освен, ако ладилникот е дефектен или треба да се чисти, не може да се случи да биде исклучен за да се штеди струја.
– Пред неколку месеци штедеа струја бидејќи била скапа, па ни продаваа полусмрзната храна, а сега ладилниците за пијалаци ги исклучуваат, а нудат разладен пијалак. Неколку дена се обидувам да купам разладена вода или друг вид пијалак, но безуспешно, бидејќи во најблиската продавница до моето работно место во ладилниците за пијалаци има шишиња со топла вода, бидејќи ладилникот скоро и да не лади. Ја прашувам продавачката во што е проблемот, а таа вели моментално е исклучен бидејќи треба да се чисти. А дали и вчера се чистеше и ден пред тоа, прашувам, но не добивам одговор. И не само во оваа продавница, туку и во други сум забележал дека ладилниците со пијалаци речиси се исклучени. Мојот сосед вели дека и пивото веќе не е ладно иако дошле топлите денови – реагира скопјанецот Марио А.
Друг граѓанин, пак, тврди дека во некои продавници пијалаците во пластична амбалажа многу често може да се видат изложени на високи температури.
– Освен што нема разладен пијалак во некои од помалите продавници, пластични шишиња со вода и газирани пијалаци можат да се видат наредени покрај прозорци каде што сонцето пече. Колку што знам хемија, треба да се чуваат на темно и ладно место за да не испуштаат отровни хемикалии. Ладилниците се посебна приказна. Прво ги исклучија внатрешните светла во нив, па мора да отвориш за да видиш кој пијалак го има, а сега и термостатите ги поместија на потопло – вели тој.
Трговците со кои разговаравме велат дека ги почитуваат сите пропишани норми за чување на храната и пијалаците во ладилниците и дека не станува збор за штедење струја.
– Температурата на ладилниците, барем кај мене, е на онаа што е пропишана за секоја храна, па и за пијалаците. Досега немам жалби за тоа. Но, не можам да тврдам дека некои од моите колеги не ги поместуваат термостатите, а најлесно тоа се прави кај пијалаците, бидејќи тие не се расиплива храна која треба да биде складирана на одредена температура. Цената на струјата не е толку висока колку што беше во изминатите месеци, па не верувам дека некој би се обидел на ваков начин да штеди, дали е мал или голем трговец – вели продавач.
За проблемот со ладилниците знаат и во Организацијата на потрошувачи. До Организацијата на потрошувачите во овој период не добиле поплаки за исклучени ладилници кај одделни трговци, но апелираат поплаките граѓаните да ги упатуваат до АХВ.
– Досега немаме ваков вид поплаки од граѓаните. Меѓутоа, трговците имаат законски обврски за нивно чување, одредени услови и соодветна температура. Точно се знае која храна или пијалак на колку степени треба да се чува. Им советуваме на граѓаните поплаките кои се однесуваат на чување на храната и пијалаците да ги упатуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство која има ингеренции да контролира и да постапи во вакви случаи – велат од ОПМ.
Според законот, храната и пијалаците во трговските објекти треба да се складираат на одредена температура која е пропишана на секој од нив.
Контролата на безбедноста на храната ја врши Агенцијата за храна и ветеринарство.