На 27 мај (сабота), од 20:00 часот, музичката платформа „Терапија“ организира мултимедијален настан, во Националната опера и балет (НОБ). Имено, присутните ќе имаат можност да уживаат во интересна програма исполнета со предавања, перформанси, ликовни изложби и музика.
Настанот обединува уметници и артисти од Македонија, но и од државите од регионот. Истиот ќе го модерира познатата активистка и диџејка, Ивана Драгшиќ, а меѓу учесниците се и: Богомир Дорингер, Србија (артист, истражувач и куратор), Астрит Исмаили, Косово (артист), Voin de Voin, Бугарија (артист, куратор и активист), како и Агнес Нокшиќи, Косово (ДЈ).
Перформансите, предавањата ќе се однесуваат на електронската музика, клупската сцена, квир културата и рејвот, феминизмот и сл.
Во ликовниот дел, свои изложби ќе имаат младата и талентирана уметница Олимпија Камчева – Стојческа, но и докажаниот уметник Антони Мазневски.
Билетите се по цена од 200 денари и можат да се набават при влезот во НОБ.
Основачката на „Терапија“, Тренчева Слободанка – Боте, во пресрет на настанот ги повикува сите заинтересирани да дојдат во сабота и да доживеат едно поинакво искуство:
– Станува збор за настан кој ќе постави нови стандарди во визуелното прикажување на перформансите, како и на електронската музика генерално. Настаните во светот, во музичката индустрија се променија. Здодевните дискусии, журки мора да се заменат со повеќе боја, енергија и жанрови. Оттука, и „Терапија“ одлучи да понуди еден поинаков настан за Скопје и регионот. Само преку соработка, култура и регионално поврзување, ќе можеме да опстанеме, истакнува Тренчева – Боте.
Овој настан претходи на месецот на гордоста, кога повеќе од било кога претходно, потребно е да се обединиме околу идеалите за мир, толеранција, љубов и почит кон различностите.
Мултимедијалниот настан е поддржан од Europe House, „Тиквеш“, URMA – concept store, Heineken, Gulf и BWI.