Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) во средата гласаа за преместување на канцеларијата на телото во Москва во Копенхаген и ја повикаа Русија да ги запре нападите врз болниците и здравствените установи во Украина.
На 76. Светско здравствено собрание во Женева, 80 земји-членки гласаа за барањето до секретаријатот на СЗО за преместување на Европската канцеларија за превенција и контрола на незаразни болести во Данска пред новата година, пишува Гардијан.
Заедно со Русија, против предлог-одлуката гласаа осум земји-членки, меѓу кои и Северна Кореја, Кина и Белорусија. Педесет и две држави беа воздржани.
Нацрт-одлуката за преместување на канцеларијата со седиште во Русија беше усвоена на 23 мај од Регионалниот комитет за Европа – составен од 53 земји од европскиот регион на СЗО – по гласањето на почетокот на месецот.
„Далеку од политизирање на ситуацијата, нацрт-одлуката конкретно се фокусира на долгорочните здравствени ефекти од војната“, рече украинскиот пратеник, обраќајќи се пред собранието пред гласањето во среда.
„Сеопфатната агресија што ја започна Русија против Украина … предизвика една од најголемите здравствени и хуманитарни кризи. „Оштетени се повеќе од 1.256 здравствени установи, а 177 се претворија во урнатини, оставајќи околу 237 здравствени работници и пациенти мртви или ранети“, додаде украинскиот претставник.
Учеството на Русија во СЗО, која е агенција на ОН, е контроверзно од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Во април, Русија го презеде ротирачкото месечно претседавање со Советот за безбедност на ОН. Постојаниот претставник на Украина во ОН ја опиша ситуацијата како „апсурдна“.
Петицијата за отстранување на Русија од ОН, покрената од Civic Hub, група украински и странски адвокати и дипломати, собра повеќе од 300.000 потписи на интернет и поддршка од украинските претставници како Алон Шкрум, Дмитро Наталух и Лесија Василенко.
Украина, наводно, се обиде да ја суспендира Русија од извршниот одбор на СЗО минатата година, но се откажа од напорите поради правни тешкотии.
Отстранувањето на канцеларијата на СЗО од Москва може да се смета како мала, но важна победа за Украина и нејзините сојузници.
Руските делегати ја обвинија Украина и нејзините поддржувачи за политизирање на собранието, тврдејќи дека Украина е одговорна за конфликтот.
Русија поднесе посебна нацрт-резолуција – спонзорирана од Сирија, Никарагва и Белорусија – за „кризната здравствена ситуација во и околу Украина“. Резолуцијата „силно ја осудува“ употребата на цивили како „човечки штитови“ и изразува „силна загриженост“ поради одлуката да се затвори канцеларијата на СЗО со седиште во Москва. Текстот не презема одговорност за ниту еден од нападите опишани во документот.
Руската резолуција беше отфрлена со 62 гласа за, 13 против и 61 воздржан.