Претставниците на земјите на „Квинта“ изразија загриженост дека, како што наведоа, може да има ризик од ескалација на насилството на протестите што денеска ги најавија Србите во северно Косово.
Шефовите на мисиите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД и Европската Унија во заедничка изјава повикаа на мирни протести, пренесува РТК.
„Граѓаните имаат право на мирно собирање, како и одговорност да ги одржуваат таквите собири мирни и ненасилни. Нашите заеднички демократски вредности го вклучуваат правото на мирно собирање и да се слушне нашиот глас, право кое полицијата има одговорност да го заштити. Спроведувањето на законите има обврска да го одржува јавниот ред и треба да се направи без да се нарушат демократските принципи на слободата на говор и собирање“, се вели во соопштението на земјите на Квинта, објавено на Фејсбук страницата на американската амбасада во Косово.
„Квинта“ и ЕУ повторно ги повикаа Косово и Србија да дејствуваат воздржано и да се воздржат од каква било реторика или акција што може да ги зголеми тензиите.
За денеска се закажани протести во Северна Митровица и Грачаница, по одлуката на косовската влада да не се одржат српски избори на Косово.