Преговарачите на претседателот Џо Бајден и претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, по четиричасовната средба во Белата куќа, истакнаа дека биле „продуктивни“ во обидот да постигнат договор за зголемување на горната граница американскиот долг и избегнување на катастрофално сценарио САД да не може да ги плати своите долгови.
Според Мекарти постигнат е напредок во преговорите и истите ќе продолжат. Тој е оптимист и покрај уште неколкуте нерешени прашања дека ќе се постигне договор.
– Постигнавме напредок во разговорите, што тоа е многу позитивно. Сакам да бидам уверен дека го постигнавме вистинскиот договор и можам да видам како се движиме во таа насока – посочи Мекарти.
И портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер наведе дека разговорите даваат резултати.
– Доколку тие продолжат да се одржуваат во дух на добра волја, можеме да постигнеме договор -наведе Жан-Пјер.
Републиканците на чело со Мекарти се обидуваат да ги намалат трошоците на федералната Влада, додека Бајден и демократите се противат на тоа.