Милиони луѓе во Мексико се предупредени да се подготват за можна евакуација по зголемената активност на најопасниот активен вулкан во земјата, кој од минатата недела исфрла пепел во неколку околни градови, пишува CNN. Пепелта од вулканот Попокатепетел, лоциран во централниот дел на земјата, ги одложи летовите во Мексико Сити и ги натера властите да ги затворат училиштата во десетици општини.
Околу 25 милиони луѓе живеат во радиус од 100 километри од вулканот, кој се наоѓа на околу 70 километри југоисточно од Мексико Сити. Во неделата, Националната координација за цивилна заштита (CNPC) го зголеми нивото на вулканска опасност до „жолта фаза 3“ и околу три милиони луѓе кои живеат во градовите и селата во близина на вулканот беа повикани да останат на будност и да се подготват за можна евакуација.
CNPC, исто така, предупреди на зголемена вулканска активност и брзо растурање на пепел во неколку околни градови. Исто така, се препорачува жителите на блиските градови да избегнуваат активности на отворено.
„Во случајот со Мексико Сити, ризикот е паѓање на пепел. Подготвени сме за тоа сценарио и знаеме што да правиме. Да останеме подготвени“, рече градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шеинбаум.
Меѓународниот аеродром Бенито Хуарез (AICM) во Мексико Сити беше привремено затворен во саботата, а некои летови беа одложени вчера поради присуство на вулканска пепел. Државните власти, исто така, ја прекинаа наставата во училиштата во 40 општини во Пуебла, пет општини во државата Мексико и седум во Тласкала и соопштија дека наставата ќе се одржува од далечина.
Амбасадата на САД во Мексико издаде предупредување во кое се вели дека вулканот Попокатепетл „ја зголеми активноста од 15 мај, регистрирајќи стотици потреси и исфрлајќи чад и пепел“.
Амбасадата исто така ги советуваше луѓето да не се приближуваат до вулканот поблиску од 20 километри. Вулканот бил неактивен со децении додека не еруптирал во 1994 година, пренесува Индекс.