Процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејствија и за подгревање на страстите, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостувањето во емисијата „Утрински печат“.
Петровска посочи дека посветеноста на Владата и на една поширока неформална коалиција која се формира околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени е исправниот пат, а дека политичарите треба да го предводат народот, а не да се кријат зад него.
– Знам дека е тешко да зборуваме за уставни измени, знам дека е тешко да се зборува за политички отстапки, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и да не се кријат зад народот. Лесно е да кажете, ајде за секое второ прашање да го прашаме народот. На крајот на краиштата, седиме на позициите на коишто седиме затоа што ние треба да ги носиме решенијата и ние треба да ги носиме одлуките – потенцираше Петровска.