More

    Партиите во предизборен грч крстарат по Македонија

    spot_img

    Политичките партии во земјава активно водат предвремена предизборна кампања во пресрет на редовните парламентарни избори што треба да се одржат дури идната година. Oфицијалниот почеток на предизборнаta кампања, очигледно, станува толку неважен како кружен тек во Тетово.

    Вака, со сообраќаен хумор, комуниколозите ја коментираат новата пракса на дел од политичките партии кои одлучија да водат постојана неколкумесечна, па дури и повеќегодишна предизборна кампања.

    Како што објаснуваат нашите соговорници, водењето целогодишна предизборна кампања ги задушува и ги нервира граѓаните, исто како што ги задушува и ги нервира секојдневниот сообраќаен „шпиц“ во главниот град.

    Постојано на готовс за предвремени избори

    Спред комуниколозите, главната причина за ваквиот потег на партиите е тоа што прашањето за одржување предвремени парламентари избори постојано виси во воздухот и ги става политичарите на готовс.

    Инаку, скоро цел месец наназад, црвените елеци на СДСМ ја крстарат Македонија и одржуваат митинзи во секој град поединечно, а закупени се и неколку билборди низ градовите на кои е испишан слоганот „Рамо до рамо“.

    Слична стратегија, но не толку официјална, има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие раководство редовно одржува трибини преку кои му ги лансира ветувањата на народот.

    Прилично активна на терен е и партијата на Али Ахмети, ДУИ, која периодов удри на кампањи што се контра фракцијата „Огнена група“, со која си ги мери силите преку средби со граѓани, па дури и на митинзи.

    Кампања за себе или контра себе?

    Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор и доктор на науки, во разговор за Плусинфо вели дека постојаната потреба за одржување предвремени парламентарни избори ги држи политичките партии на готовс и ги тера да водат постојана кампања.

    Живко Андревски, комуниколог

    – Предвремената предизборна кампања што ја водат партиите во Македонија споредете ја со сообраќајот во главниот град. Замислете што би се случувало доколку „шпицот“, односно најголемиот сообраќаен метеж во Скопје се случува 24 часа во денот, а во употреба да бидат пуштени само неколку сообраќајници?! Истото се случува со предвремената предизборна кампања на партиите. Тие постојано прават политички маркетинг и се себепретставуваат пред народот, а не сфаќаат дека таквото нивно дејствување е практично предизборна кампања која најчето го задушува гласачкото тело. Но, тоа е една практика, која, за жал, постојано се повторува на Балканот, не само во Македонија – објаснува Андревски.

    Според него, главна причина за ваквото делување на политичките партии во Македонија е тоа што одржувањето предвремени парламентарни избори постојано виси во воздухот.

    – Кај нас постојано се зборува за одржување предвремени парламентарни избори, а без оглед на тоа дали тие ќе се одржат или не, сепак, политичките партии сметаат дека треба да бидат подготвени и за такво сценарио. Но, политичарите очигледно не сфаќаат дека таквото делување, таа долга предвремена предизборна кампања го исцрпува општествениот организам и ја троши енергијата на гласачкото тело. Општествениот организам не може да го поднесе тој тип на делување, особено кога кампањата трае со месеци, па и со години. Проблемот е во тоа што самите политичари во Македонија многу добро знаат дека народот ја прифаќа нивната политика без разлика на сѐ. И си функционираат. Кога народот би ги отфрлил, тогаш малку ќе им дојде умот. Но, кога народот постојано ги прифаќа и постојано си вели дека „овојпат нема да нѐ излажат“, тогаш ќе ни се случува ова што ни се случува денес – објаснува Андревски.

    Слаба излезност

    Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека токму одржувањето долга и макотрпна предвремена предизборна кампања ќе биде пресудна за намалување на излезноста на следните избори.

    – Партиското раководство да го задржи вниманието во јавноста. Ова е главната цел на секоја политичка партија во Македонија која води предвремена предизборна кампања. Второ, за да ја реализираат таа своја цел, партиите прават катастрофални грешки и постојано го малтретираат своето членство. Добро е тоа што засега не организираат големи митинзи и не ги влечкаат луѓето со автобуси од град во град. Од друга страна, политичките партии се свесни дека и партиските членови и граѓаните се изморени од сите нивни лажни ветувања. Токму затоа држат непотребна тензија и ги замајуваат своите гласачи – вели Кекеновски.

    Кекеновски: Токму одржувањето долга и макотрпна предвремена предизворна кампања ќе биде пресудна за намалување на излезноста на изборите.

    Досега, додава тој, ако ги слушавме лидерите на политичките партии, ќе требаше да имаме најмалку 100 предвремени парламентарни избори годишно, но очигледно опозицијата не може да успее во намерата да издејствува такво нешто.

    – Со ваквите чекори на политичките лидери, не само што го замајуваат членството и потенцијалното гласачко тело, туку и го оладуваат. Мислам дека една од причините за помалата излезност на следните парламентарни избори ќе биде токму ова што го прават политичките партии. Сметам дека токму одржувањето долга и макотрпна предвремена предизборна кампања ќе биде пресудна за намалување на излезноста на изборите. Оти, не постои ништо ново што можат да ни го кажат политичките партии за време на митинзите или на трибините. Тие можат само на еден нападен начин да измислуваат нови лаги коишто нема никогаш да ги реализираат – објаснува Кекеновски.

    Три мотиви за предвремена кампања

    Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски забележува дека во Македонија одамна не владеат правото и законите, туку владеат партиите.

    – Политичките партии се свесни за тоа дека излезноста на следните парламентарни избори ќе биде мала и заради тоа уште од сега почнуваат кампања. Но, ако јас се прашува, бадијала е сѐ. Партиите покажаа дека ги интересира само бенефит и личен интерес. Погледнете ги случаите со директорот за метрологија, погледнете ја целата таа игранка околу договорот со „Бехтел и Енка“… Затоа верувам сека излезноста ќе биде историски најниска, бидејќи граѓаните не веруваат во политичарите – вели Пекевски.

    Политичките партии се свесни за тоа дека излезноста на следните парламентарни избори ќе биде мала и заради тоа уште од сега почнуваат кампања.

    Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

    Тој посочува дека власта е свесна оти нејзиниот брод тоне и токму затоа тргнува во агресивна „Рамо до рамо“ кампања и се обидува во јавноста да се прикаже како народна партија.

    – СДСМ ќе ја доживее судбината на Демократска странка во Србија и ќе се сведе на минорна партија во Македонија како партиите на ЛДП, НСДП… Тоа е едниот мотив. Вториот мотив е што уште од сега се подготвуваат за избори и се обидуваат колку-толку да чујат нешто од народот и да покажат дека се дел од народот, бидејќи сакаат да се декларираат како народна партија. И третиот мотив за одржување предвремена предизборна кампања е да го одвлечат вниманието на јавноста од скандалите и коруптивната зделка што ја имаат направено со „Бехтел и Енка“ – посочува аналитичарот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img