Тендер за изградба на еден од најголемите кружни текови во Скопје, оној кај поранешна НИП Нова Македонија, ќе биде распишан по завршување на експропријацијата на објектите кои треба да се рушат. Ова неодамна на брифинг со новинари го најави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која вели дека не се откажала од ова решение за растоварување на сообраќајниот метеж во тој дел од центарот на градот.
Арсовска вели дека не сака да почне со изградба пред да се заврши експропријацијата, која, како што вели, би била неспорна зашто голем дел од засегнатите куќи се дивоградби.
Најголемиот проблем, според неа, е да се реши ситуацијата со објектот на Македонски железници – инфраструктура кој се наоѓа непосредно до Паркот на новинари, а во кој е сместена значајна ИТ опрема на претпријатието.
Од Железници инфраструктура појаснуваат дека во овој објект во моментов нема некоја значајна опрема која би го успорила процесот на изградба на кружниот тек, но до нив нема официјално барање дека објектот треба да се руши.
– Нашиот диспечерски центар е префрлен од оваа зграда. Останува само дел од опремата кој може да се дислоцира во секое време и без да предизвика некакви проблеми во работењето. Ние го поддржуваме овој проект на Градот, но очекуваме за возврат на овој имот да добиеме локација во близина на кружниот тек за да можеме да изградиме реномиран објект. Писмено за ова ги известивме Градот и општина Центар, но немаме информација дали тоа ќе се прифати и каде е обезбедена нова локација. Инаку, немаме добиено барање дека објектот треба да го дислоцираме и дека ќе се руши – вели директорот на Железници – инфраструктура Хари Локвенец.
Од општина Центар велат дека го добиле ова барање на Инфраструктура и ќе го имаат предвид при новата постапка за усвојување на Деталниот урбанистички план за тоа подрачје кој е укинат од Уставниот суд.
– До Општина Центар е пристигнат официјален допис за објект од Македонски железници и тој се наоѓа во рамки на Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, кој е укинат од Уставниот суд. Кога ќе се отпочне нова постапка за донесување нов ДУП, ќе се земе предвид и барањето на Македонски железници – велат од Општината.
Од општина Центар која не е вклучена во реализацијата на проектот за изградба на кружниот тек очекуваат овој проект побрзо да се реализира за да можат и тие да реализираат проекти на улици кои се поврзани со ова сообраќајно решение.
Според информациите на Арсовска, подземната улица што треба да оди под комплексот „Дајмонд Скопје“, во должина од 800 метри е завршена. Таа почнува веднаш до катната гаража „26 Јули“ и излегува лево од НЛБ Банка.
Кога беше најавувана изградбата на оваа улица беше најавено дека тоа ќе биде модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Булеварот ќе има двонасочен коловоз во 4 ленти и 2 ленти за трамвај/автобус, со должина од 800 метри, кој ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје, рече потпретседателот во „Лимак инвестиции“ Сердар Баџаксиз во 2018 година, кога најави дека за 22 месеци ќе биде завршена оваа подземна сообраќајница.
Едниот кружен тек со кој треба да биде поврзана оваа улица е кај „Нова Македонија“, а другиот треба да се изгради кај Тутунски комбинат.
Проектот на кружниот тек кај Нова Македонија датира од 2014 година во времето кога прв човек на Градот беше Коце Трајановски.
Кружната крстосница беше планирано да се гради на две нивоа и да се користи за потребите на две нови сообраќајници кои треба да го олеснат градскиот метеж на улиците. Првата сообраќајница која треба да се поврзе со кружниот тек е улицата Св. Кирил и Методиј, а втората е улицата Јордан Мијалков, некогашна Железничка. На овој начин ќе има врска меѓу двете улици со тоа што по Св. Кирил и Методиј ќе се вози во правец кон кружниот тек, а на Јордан Мијалков во спротивен правец.
Според сообраќајниот и градежниот проект изработени тогаш, кружниот тек треба да има елипсовиден облик и ќе ги поврзува булеварите: Климент Охридски, Мајка Тереза, Јордан Мијалков, Свети Кирил и Методиј, Митрополит Теодосиј Гологанов, подземниот булевар на Лимак и улицата Васил Ѓоргов. Овој кружен тек треба да има најмалку шест ленти. Улиците Јордан Мијалков и Свети Кирил и Методиј остануваат еднонасочни.
И неговиот наследник Петре Шилегов најави дека ќе го гради овој кружен тек, ако го добие вториот мандат. Кружниот тек, според планот на Шилегов, требаше да биде готов до 2024 година.
Лани во ноември владата планираше да преземе дел од големите проекти на Град Скопје, меѓу кои и кружниот тек кај Нова Македонија, но градоначалничката Арсовска не прифати овие проекти да ги преземе владата.