Изет Меџити во интервју за „Лајм“ изјави дека ДУИ, на таен состанок на Централното претседателство на кое „огнените“ не биле поканети, донела одлука да ги отстрани од партијата членовите на „Огнената група“.
Според него, „отстрелот“ почнал уште од вклучувањето на Алијансата за Албанците во власта и се одвивал во комунуистички стил.
„Сите кадри кои поддржуваа различно мислење и се дел од фракцијата беа разрешени и политички диференцирани како во 80-тите во комунистички стил, додека во јавноста се обидуваат да го релативизираат тоа, бидејќи овие позиции припаднаа на Алијансата за Албанците, но граѓаните ги читаат овие ситуации – рече Меџити.
Тој вели дека дури и изборот на нови ограноци се маскира со наводно демократски процеси, а целта е да се елиминира фракцијата.
– Мислам дека сериозно грешат ако веруваат дека ќе нѐ сменат од извршните функции и со тоа ќе нѐ ослабнат. Напротив, разрешувањето на функционерите на ДУИ кои им служеа со години и придонесоа за победите на ДУИ, и тоа без никаква причина, ги засили ставовите на тие што размислуваат различно. Овие акробации ќе ја чинат ДУИ – рече Меџити.
Според него, ДУИ влегува во анархија, а ограноците што биле избрани во Полог се нестатутарни.
– Деновиве на таен начин се одржа состанок на Централното претседателство на кој од 33 члена – подалеку од медиумите, без кворум – учествуваа седум членови на ЦК и двајца членови на Генералниот совет, а не бевме поканети, ниту Беџети, ниту јас, ниту Невзат Бејта, ниту Муса Џафери, ниту Висар Ганиу. На средбата дебатираа што да прават со Огнената група, дали ќе нѐ избркаат… За волја на вистината, мал број се спротивставија на тоа, поради тежината на теренот, поради гласовите, анкетите, па казино лобито предводено од Груби, кое за жал го води Ахмети кон анархија, реши да нѐ избрка. Добро е што не е време на монизмот, па да нѐ стрелаат. Со други зборови, побараа отстранување, исклучување по секоја цена. Во ДУИ веќе нема дебата, но овој клан на ДУИ, од партија на војната, ја претвори во партија на казината – порача Меџити.