Колку е важно ангажирањето на локалните власти и на локалната администрација покажува примерот со општина Кавадарци, која ја има зголемено наплатата на данок на имот за 100%. Општините Велес, Врапчиште, Гостивар, Гевгелија, Дебар, Илинден, Кавадарци, Кратово, Македонска Каменица, Могила, Свети Николе, Старо Нагоричане, Студеничани, Центар Жупа и Штип, исто така имаат добри резултати во однос на ажурирањето на податоците, што резултира и со зголемена ефикасност на наплата на даноците, а во општина Арачиново се зајакнуваат капацитетите на организационата единица за администрирање со даноци, со што се исполнети условите за извршување на надлежноста, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на презентирањето на резултатите од проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите „Партнерство за поефикасни општини“.
Тој потенцираше дека сите општини вклучени во првата фаза на проектот ја имаат зголемено стапката на наплата на данокот на имот во просек за 34,5%, што придонесува за зголемување на стапката на наплата на сопствените приходи за околу 25%.
– По алармирањето на некои општини и на градот Скопје дека немаат целосни бази на податоци на даночни обврзници на данок на имот, Министерството за локална самоуправа во соработка со Проектот на УСАИД иницираше конкретни активности за целосна поддршка на општините за подобрување на нивните капацитети за наплата на данокот на имот. Крајно време е да се надминат детските болести. Данокот на имот, наплатата и користењето на средствата во целост е локална надлежност и одговорност. Тоа се пари од граѓаните за граѓаните. Не ја амнестирам централната власт, но, не може одговорностите да се земаат или оставаат според сопствени желби и проценки – рече Пенов.
За таа цел, е формирана посебна работна група со претставници од Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности, Државниот завод за ревизија, Комисијата за локална самоуправа на Собранието на Република Северна Македонија, ЗЕЛС, Градот Скопје и општините Илинден и Тетово, која во наредниот период ќе предложи конкретни законски и подзаконски решенија, како и начини за размена на податоци меѓу надлежните институции и општините.
– Имаме децентрализиран систем на управување и надлежностите меѓу централното и локалното ниво се споделени. Функционалноста на општините и на градот Скопје има директно влијание врз спроведувањето на политиките и квалитетот на живеење на граѓаните – рече тој.
Пенов посочи дека Владата, со конкретни мерки го подобрила системот на финансирање на локалната самоуправа, зголемени се приходите од данокот на додадена вредност и од персоналниот данок, а со новиот начин на распределба на средствата преку инструментите за перформанси и за еквилизација, се обезбедува поправедна дистрибуција на средствата.
– Очекувам дека крајот на 2023 година ќе се покажат ефектите од овие мерки.
Според податоците од 2022 година за приходите на општините, приходите во општинските буџети во најголем дел се од трансферите од централната власт и донации, или 63,9%. Даночните приходи се на ниво од 27,17%. Капиталните приходи се нешто над 4%. Од вкупните приходи, 50% се реализирани во урбаните општини без градот Скопје, 33,26% во Градот Скопје и во скопските општини, а само 14,62% во руралните општини – појасни Пенов.
Најмногу даночни приходи или 51% се остваруваат во градот Скопје со општините, а најмалку во руралните општини, само 8% од вкупните даночни приходи. Споредено со градот Скопје и скопските општини за 6 пати помалку, или во однос на другите урбани општини за 5 пати помалку.
– Разликите произлегуваат од реалните фискални ресурси со кои што располагаат општините, но и од нивниот фискален напор и капацитети за максимално ефектуирање на приходите од данокот на имот.
Активностите кои што ги реализираат Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, во рамките на проектот на УСАИД, веќе покажуваат резултати – рече Пенов.