Велика Британија настојува да се ослободи од несаканите гости, посебно од мигрантите од Албанија кои одговараат за кривични дела. Албанските власти потврдија дека повеќето од нивните државјани кои оваа година биле насилно вратени дома од Велика Британија, биле осудени за кривично дело таму. Би-Би-Си разговараше со Албанците вратени во нивната земја и дозна дека на некои затвореници им биле понудени 1.500 фунти за да се вратат дома.
Откако Албанија во декември минатата година потпиша договор за заедничка соработка со Обединетото Кралство за „намалување на илегалната миграција“, бројот на депортации од Велика Британија се зголеми. Според податоците од британското Министерство за внатрешни работи во Албанија се вратени повеќе од 1.000 луѓе, при што околу половина од нив тоа го направиле доброволно.
Би-Би-Си разговараше со десетици луѓе кои пристигнаа во Албанија со летови за депортација минатиот месец и откри дека повеќето доаѓаат од британските затвори. На некои од нив им биле понудени пари во замена за согласност на депортација и биле ослободени од затвор пред да ја отслужат минималната казна, според постоечката програма што се користи за странски престапници.
Албанската полиција потврди дека повеќето од насилно вратените годинава биле осудени за злосторства во Велика Британија. Еден од депортираните албански државјанин, за Би-Би-Си изјави дека во В.Британија отслужувал затворска казна од шест години, но бил депортиран назад во Албанија откако одлежал само две години затвор.
-Ми понудија 1.500 фунти финансиска поддршка за да се вратам дома. Бевме посетени од офицер за имиграција. Тој не праша дали сакаме да се вратиме во Албанија или да останеме во Велика Британија. Тој објасни дека ако се вратиме ќе ни ја намали казната. Ми понудија и 1.500 фунти финансиска поддршка за да се вратам дома во рамките на ФРС програмата (Facilitated Return Scheme) – изјави тој.
Британските власти велат дека програмата ФРС е „финансиски поттик“ што им се нуди на странските затвореници „под услов да соработуваат со депортацијата и да се откажат од правото на жалба“.
Но, некои од албанските државјани кои беа на летови за депортација минатиот месец рекоа дека планираат да се вратат во ОК за неколку недели или дури денови, и покрај тоа што таму се непожелни.
-Сега фаќаат Албанци. Тешко е да се остане во В.Британија бидејќи полицијата те запира на патот. Нас не не сакаат таму – изјави еден од депортираните Албанци.
фото: BBC