Од денеска граѓаните на Македонија можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и на мобилен телефон.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја објасни постапката за поднесување барање за уверение за државјанство во електронска форма.
– Барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот www.uslugi.gov.mk, лични документи и исправи, државјанство. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги – рече Спасовски.
Досегашниот начин на издавање уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи, независно каде лицето има пријавено живеалиште.
– Цениме дека преку дигитализација ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, во реално време, со намалено влијание од администрацијата, за која за жал до сега имаше одолговлекување во однос на добивањето сервиси. Целта е до крајот на 2023 да се дигитализираат над 150 услуги преку Националниот протал. Преку Агенцијата за дигитализација овие услуги може потполно да се дигитализираат, при што факторот човек ќе биде занемарен – рече министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Цената за вадење е државјанство изнесува 150 денари (100 денари административна такса и 50 денари за образец) и може да се плати електронски во моментот на поднесување на барањето за Уверението за државјанство во електронска форма.
Обрасците за уверение за државјанство број 4 (македонски јазик) и 4а (македонски и албански јазик) се заменети со нови обрасци, избришан е податокот за живеалиште заради целосно усогласување со процесот на дигитализација.
Во просториите на Една Точка За Услуги само во 2022 година се издадени 4.000 предмети од шалтерот на МВР, а годинава заклучно со 1 мај издадени се 600 предмети. Предметите опфаќаат Уверение за државјанство, потврда за последен адресен податок (потврдите барани од Катастар на недвижности), потврда која служи во социјално за прво родено дете, како и за второ и трето дете, потврда за непоседување моторно возило, како и многу други потреби. Сите документи кои се издаваат на шалтерот на МВР се издаваат веднаш.
Министерството за внатрешни работи (МВР) донесе Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку емаил адреса или преку паметен телефон.
Следната 2024 година е рокот во којшто треба да бидат заменети личните документи, бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците, изјави Спасовски.
– Во однос на цените, ние објаснивме дека за 90 проценти се зголемени цените на репроматеријалите и затоа направивме зголемување кое што не е големо, имајќи предвид дека утврдивме два вида цени. Оние кои ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот имајќи предвид дека е 10 години важечкиот документ, цената е зголемена незначително за да можеме практично да ги остваруваме тие функции – одговори министерот на новинарско прашање до кога треба да се сменат документите и зошто е поскапена услугата.