Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ги повика Русите да ѝ достават разузнавачки информации за нивната земја, во видеото на Телеграма наменето за оние кои не се задоволни од политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
Кратко видео од највисоката американска разузнавачка агенција покажува руски функционер и неговата сопруга со нивното дете во нивниот дом, кои очигледно имаат тежок живот и се прашуваат дали тоа се совпаѓа со нивните соништа.
Видеото, објавено во понеделникот, сугерира дека Русите можат да дејствуваат за да ги подобрат работите со обезбедување разузнавачки информации за ЦИА, додека остануваат патриотски. Видеото покажува и како да го направите тоа, користејќи го прелистувачот Tor за пристап до темната мрежа (која не е достапна на класичните прелистувачи) и алатките за шифрирање на комуникација.
ЦИА сака да ја знае вистината за Русија, „и бараме сигурни луѓе кои можат да ни ја кажат таа вистина. Вашите информации можеби се повредни отколку што мислите“, се вели во видеото.
Американската агенција изрази надеж дека ќе воспостави контакт со луѓе кои работат во разузнавачките служби, дипломатијата, науката и технологијата и додаде дека е заинтересирана за сите видови разузнавање, вклучително и политичко и економско.
Агенцијата се надева дека ќе ги убеди оние кои се колебаат.
„Нашата цел е да им обезбедиме најбезбедни можни средства за контакт со нас“, изјави неименуван претставник на агенцијата.