Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ веќе не е прв рекет во светот. На АТП листата, сега прв е Карлос Алкараз кој го освои турнирот во Мадрид, а трет е Данил Медведев.
Ѓоковиќ неодамна за италијански „Медиасет“ прогорови за своите тешки денови во Австралија кога беше депортиран пред да учествува на турнирот Австралија Опен.
– Не сум анти-ваксер и никогаш не реков дека сум. Јас сум про-избор, ја бранам слободата на избор, слободата да одлучуваш што ќе внесеш во телото, а што не. Ова еднаш им го објаснив на Би-Би-Си по враќањето од Австралија, но потоа тие избришаа многу од моите реченици. Оние кои не беа погодни. Така што, повеќе никогаш не сум зборувал за оваа приказна – изјави Ѓоковиќ.
Потоа објасни каде ги поминал најтешките моменти во Мелбурн.
– Какво е тоа место каде што ме држеа? Затвор. Не можев да го отворам прозорецот. Останав помалку од една недела, но таму најдов млади луѓе, воени бегалци, кои беа таму многу долго. Мојот случај им послужи да ги разведри, скоро сите беа ослободени и тоа ме теши. Еден млад Сириец бил таму девет години. Тој сега е во САД. Кога ќе се вратам летово, сакам повторно да го најдам и да го видам на УС Опен. Се чувствувам поврзан со него – додаде првиот тениски рекет во светот.
Тој зборуваше и за болното судење.
– Австралиски судија ја прифати мојата жалба, но министерот за имиграција, кој има моќ да депортира секого без причина, ме исфрли од земјата. Но, не ги прекршив правилата. Влегов во Австралија со потребните и точни документи. Имав ковид-19 и се излечив. Ги почитував правилата и не загрозив никого. Меѓутоа, наеднаш станав политички случај, закана за светот. Системот, чиј дел се медиумите, бараше цел спротивна на мејнстримот. И јас станав тоа. Ми дадоа етикета „анти-вакс“, сосема лажна работа за која уште ми е мака.
Тој објасни и како се чувствувал во тој момент.
– Ме ставија во средина, ме издвоија како „персона нон грата.“ Се најдов сам и се чувствував како овца опкружена со 20 волци. Човек сам нема шанси против големите медиуми. Сепак, брзо го заборавив тоа. Фокусиран сум на позитивни работи. Имав ковид по втор пат. Секогаш ги прифаќав правилата, не можев да одам во САД и не одев. Се откажав од два турнири УС Опен за да останам верен на себеси. Потоа се вратив во Австралија и победив. Но, бев разочаран, од медиумите и од многу колеги. Кога половината е против тебе, тогаш го гледаш вистинското лице на луѓето. И многу од нив ги свртеа главите, многу играчи и некои организатори.
Тој се осврна и на војната во Украина.
– Единствено што можам да го кажам, како дете на војната, е ова: во војна никој не победува! Војната е најгрдата работа во животот, најлошиот изум на човекот, најлошата идеја во историјата. Видов две војни, граѓанската војна во Југославија и бомбардирањето. Роден сум во Белград, ги видов страдањата на моето семејство, сиромаштијата на мојата земја. Војната е нешто поголемо од нас, само молете се на Бога да заврши утре. За жал, војната во Украина оди бавно. Секој ден е се попогубно. Има уништени градови, скратени животи. Има и штети кои не се гледаат, а кои ќе траат со текот на времето. Прочитав статија за последиците од воената траума: тоа влијае на здравјето, особено на варењето. Имав проблеми со мојот микробиом, мојата кариера се разви дури кога открив дека има нетолеранција на глутен и на млечни производи, кои можеби се поврзани со војната. Но, најлошото, се разбира, е губењето на саканата личност.