Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска откри дека платата сега му изнесува 153 000 денари.
– Во овој момент е исплатена платата според новите пресметки направени врз основа на одлуката на Уставниот суд. Мислам дека платата е 153 000 денари – рече Спасовски по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со договорот за изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“, како и за пораката од евроамбасадорот Дејвид Гир за употребата на европското знаменце при носење на законите, тој рече:
– Јас навистина сакам некој да им објасни на граѓаните од Битола и од Прилеп дека во овој момент може да се стопира градбата на автопатот што го чекаат 50-60 години. Треба да се работи во насока на остварување на сите овие проекти за градење на коридорите 8 и 10д и во таа смисла да се почитуваат сите правила и законски норми што важат во Северна Македонија. Ова е еден од најголемите проекти чија реализација е исклучително важна. Градбата на инфраструктурата во една држава значи основа за економски развој.
Министерот информира дека како резултат на досегашните оперативни акции на Министерството за внатрешни работи, вкупно 50 лица се наоѓаат во македонските затвори за постапување во делот на тероризмот.
– Покрај многуте други акции во борбата против тероризмот, и вчера беше спроведена акција во која уапсени се три лица, две лица на територијата на Северна Македонија и едно лице на територија на Република Франција, значи ова беше заедничка акција која ја спроведовме во исто време, се работи за лица повратници кои биле или лица кои повторно се обидуваат да бидат некаде на бојните полиња, а знаете дека кај нас е санкционирано учеството во странски војски, така да дали имало лица повратници имало – рече Спасовски.