Пријавите и заканите од ученици во нашите училшта се рефлексија на случувањата во нашето соседство. Станува збор за едно детско невнимателно однесување кое сепак предизвикува реакции, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски.
Тој денеска коментирајќи ги заканувачките пораки на ученици во нашите училишта рече дека за секој случај се постапува. Засега не пронашле сериозност во пораките, но се постапува превентивно и се преземаат потребните акции за секој случај.
– За секој случај кој што е идентификуван за секој се реагира, се постапува со социјалните служби, со раководството на училиштата, родителите во истиот момент и засега немаме состојба која укажува на сериозност во намерата да биде преземено било што. Меѓутоа, превентивно во секој момент кога ќе дознаеме каква било информација веднаш реагираме – изјави Сапсовски.
Тој апелира до родителите и до учениците за сериозно и одговорно однесување, а на раководставта на училиштата им порача да го подигнат степенот на одговорност и внимание. Министерот оцени дека случувањата во Србија ја подигнале свесноста кај сите.
– Ова што се случуваше во соседството ја подигна малку јавната свест кај сите нас за заеднички да делуваме. Ова е многу важно од семејството преку образовните институции па до секој еден од нас и медиумите секако да ја подигнеме јавната свест – рече Спасовски.
Тој додаде дека Министерството и пред масакрите во Србија преземало активности, односно дека веќе постојат механизми насочени кон безбедноста на учениците, кои се засилени по дојавите за поставени бомби во училишните објекти.
– Секоја недела се прават опсежни контроли кои подразбираат контрола на лица, возила, безбедност на сообраќајот сѐ со цел да превенираме одредени активности и тоа дава извонредни резултати, барем досега. Се покрена иницијатива пред сите овие случувања заедно со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за образование и наука, токму во овој дел на преземање на други мерки кои би значеле дел од работа на социјалните служби и поврзување со Мининистерството за внатрешни работи заради безбедноста, сѐ со цел да се работи со лица, ученици кои што немаат добро поведение или можат да направат одреден безбедносен проблем или нарушување на безбедноста – информира Спасовски.