Приведени се тројца македонски државјани кои во 2014 година се приклучиле на терористичката организација Исламска држава ИСИС и како борци активно учествувале во воените дејствија на територија на Сирија, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во изминатиот период, лицата О.С. (28), Р.С. (33) и М.Г. (26) биле предмет на интерес на безбедносните служби и во меѓународна соработка на МВР и АНБ со други партнерски безбедносни служби, активностите резултирале со истовремена синхронизирана полициска акција спроведена на територија на Република Северна Македонија и Франција, при што се лишени од слобода две лица во нашата држава и едно лице во Франција, а сите се државјани на Република Северна Македонија.
Постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, денеска, во утринските часови, МВР извршило претреси на две локации во Скопје кај О.С. и кај Р.С., кај кои се пронајдени и одземени огнено оружје, муниција, мобилни телефони и други електронски уреди кои можат да содржат дополнителни докази за извршеното кривично дело.
Согласно обезбедените докази, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска (12.05.2023) поднесе кривична пријава против наведените лица за сторено кривично дело „служба во непријателска војска“ предвидено во член 322 од Кривичен законик.