Во 2022 година 37% од предлог-законите усвоени на Влада и доставени до Собрание биле објавени на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР, www.ener.gov.mk), покажува Извештајот „Огледало на Владата“ за 2022 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ).
Со Извештајот се констатира влошена состојба во споредба со претходните години (41% во 2021 и 49,6% во 2019 година).
Министерствата не ги објавуваат поголемиот дел од предлог-законите на ЕНЕР. Во 2022 година Владата поднела вкупно 65 предлог-закони до Собранието за кои што имала обврска да ги стави на ЕНЕР. За 24 од нив (37%) претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Поради тоа, на јавноста ѝ била скратена можноста да се информира за содржината на предлог-законите.
Што се однесува до минималниот периодот за коментирање од 20 дена, тој е испочитуван од министерствата за сите 24 предлог-закони.
За жал, констатира извештајот, намален е и интересот на јавноста за коментирање на ЕНЕР. Граѓаните минимално го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка. Поставени се 112 коментари за 23 од вкупно 39 предлог-закони објавени на ЕНЕР во 2022 година. Најмногу коментари, вкупно 18, биле оставени за Предлог-законот за критична инфраструктура. По 11 коментари има за: Предлог на кривичниот законик; Предлог – закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната и Предлог-закон за изменување и дополнување на законот за земјоделското земјиште.
Прашање за подлабока анализа е дали причината за намалениот интерес на граѓаните е резултат на недостигот на повратни одговори од министерствата на коментарите на граѓаните, се прашуваат истражувачите.
Во периодот на следење, министерствата објавиле 36 повратни одговори на ЕНЕР на вкупно 112 поставени коментари (32%) од граѓаните и граѓанските организации. Повеќе од половина од дадените одговори од министерствата (28) се дадени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на петте предлог-закони ставени на ЕНЕР од ова министерство. Алармантни се и резултатите кои покажуваат заобиколување на консултативниот процес преку изборот на предлагачи. Вкупно 86 од предложените 191 закон (45%) се на предлог на пратениците.
Собранието на Република Северна Македонија не спроведува консултативен процес за предлог-закони кои се на предлог на пратеници и овластени предлагачи на закони. Така, за значаен процент од предлог-законите се оневозможуваат консултациите со засегнатите страни и подлежат исклучиво на законодавна постапка за донесување закони.
Имајќи го предвид ова, закони кои се од суштинско значење за правното опкружување може да бидат изгласани без јавноста да биде консултирана.
МЦМС веќе 10 години ја следи отвореноста на процесите на подготовка на закони. Подготовката на овој Извештај е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ кој е финансиран од Европската Унија.