Авионското засејување на облаците кое се спроведуваше од 2020 година, нема да продолжи зашто потребните реагенси се дефицитарни, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Причина за отежнатото снабдување на реагенсите е војната во Украина. Веднаш штом се стабилизира пазарот со реагенси, УХМР најавува дека ќе распише јавна набавка за активирање на мерката.
– Ги известуваме земјоделците и пошироката јавност во Република Северна Македонија дека по три години успешно користење на мерката за авионско засејувања на облаците, оваа година и покрај напорите на Управата, сепак мерката нема да продолжи. Авионското засејување на облаците беше ефикасна метода која успешно се спроведуваше од 2020 година, со што во повеќе наврати успешно беа спречени штети од град врз земјоделските посеви низ целата територија. За жал, војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на една од компонентите која е составен дел на реагенсот, која се користи исто така и во ракетните горива. Поради тоа, ваквите реагенси се дефицитарни и тешко достапни – објаснува Управата.
Оттаму додаваат дека спровеле постапка за јавна набавка, но за разлика од минатите години, овој пат на повикот не се пријавил ниту еден економски оператор.
– Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и веднаш штом пазарот со реагенси се стабилизира, повторно ќе распишеме нова јавна набавка за активирање на мерката за заштита од град по пат на авионско засејување. Во меѓувреме, преку нашата веб страница и преку медиумите, редовно ќе известуваме за временските услови и навреме ќе алармираме за можни временски непогоди со цел земјоделците навремено да преземат мерки за заштита – истакнуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.