Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави за АП дека ќе му подаде рака на пријателство на победникот на изборите во Турција во недела, додавајќи дека се надева дека новата влада на земјата ќе го преиспита својот пристап кон Западот.
Мицотакис, кој и самиот е пред избори следната недела, вели дека е подготвен да разговара со кој и да победи на изборите во Турција.
Но, јас не сум наивен, рече Мицотакис, додавајќи дека надворешната политика на една земја не се менува од ден на ден.
Агенцијата АП наведува дека „авторитарниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој ја води земјата како премиер и претседател од 2003 година“, се соочува со најнеизвесни избори во недела, а негов ривал е Кемал Киличдароглу.
„Се надевам дека следната турска влада сеопфатно ќе размисли за нејзиниот пристап кон Западот, не само кон Грција, туку и кон Европа, НАТО и САД“, рече Мицотакис.
Тој, исто така, рече дека неговата влада бара „win-win“ решение за еден од најголемите проблеми кога станува збор за културното наследство – судбината на скулптурите од Партенон кои се наоѓаат во Британскиот музеј, но јасно отфрла секој договор што би содржи зборот „позајмувам“.
„Никогаш нема да признаеме дека овие скулптури се во легална сопственост на Британскиот музеј“, рече Мицотакис, додавајќи дека мора да се биде иновативен и конструктивен доколку се сака решение за проблемот.