Ако каматата на народната обврзница биде повисока од банкарските, ќе правиме бизнис!

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во услови кога јавниот долг достигна 7,22 милијарди евра и натаму расте, Владата планира дополнително да се задолжи, но овој пат не кај странските или кај домашните кредитори, туку кај граѓаните, на кои ќе им понуди народна обврзница. Тоа за граѓаните е можност да ги зголемат своите заштеди, а за државата извор на нови пари, кои ќе ги потроши за реализирање на одделни политики, или начин како да се покрие дел од долгот.

Сè уште не се знае ништо за тоа на кој износ би била таа, на колку години, колкава ќе биде каматата и какви услови ќе има за учество на аукцијата за нејзиното купување. Само се знае дека најверојатно ќе се издаде пред годишните одмори.

– Ќе се обидеме да ги убедиме нашите граѓани да имаат доверба во државата, да инвестираат во сигурни хартии од вредност и за тоа да добијат сигурен прилив – рекоа до Министерството за финансии деновиве, кога го најавија новиот проект.

Граѓаните, пак, се во дилема дали да ѝ веруваат на Владата и дали да влезат во една ваква инвестициска авантура, во услови кога нивните депозити во банките од година во година имаат сѐ пониска камата, а дел од парите поради различни причини ги чуваат и дома.

– Не знам колку може да се верува на искреноста на Владата, но сметам дека инвестирањето кај државата ќе се исплати, бидејќи таа не пропаѓа лесно и е сигурен гарант дека парите ќе се вратат. Тоа значи дека нема ризик како во инвестирањето во обврзници на компаниите на берзата. Но, да почекаме, да видиме какви ќе бидат условите и каматите кои ќе бидат понудени за оваа обврзница. Дали ќе им конкурираат на банките? Ако каматата биде пониска од банкарските, нема причина да се инвестира, но ако е обратно, тогаш треба добро да се размисли – вели граѓанин кој веќе инвестира во акции на берзата.

За економисти и експерти овој потег на власта е добар, бидејќи ќе придонесе за развој на пазарот на капитал, истовремено ќе биде коректор на каматните стапки на заштедите, односно конкуренција на банките. Тоа ќе биде и придобивка за граѓаните, кои ќе можат да го зголемат својот капитал преку сигурен гарант, каков што е државата. Но, најмногу полза од ова ќе има и државата, која ќе обезбеди нов извор на финансирање на растечките трошоци.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески смета дека ова е позитивна можност за граѓаните кои ќе остварат приходи, но од друга страна тоа ќе биде лошо за бизнисите, на кои ќе им бидат стеснети можностите да дојдат до пари, бидејќи државата им се јавува како конкурент.

– Оваа мерка ќе донесе одредено раздвижување и инструментот како таков веќе беше и најавен како еден од начините за справување со инфлацијата. До одреден начин тоа е позитивно, бидејќи ќе обезбеди простор и можност за граѓаните да остваруваат приход, посебно доколку каматната стапка која би се добила по овој основ биде поатрактивна. Мислам дека таа ќе биде фиксна, но веројатно и повисока од онаа која ја нудат банките за депозитите, која е многу ниска и која инфлацијата ја јаде. Но, растот на задолжувањето на државата дома ги стеснува можностите за стопанството и фирмите, односно наместо кај нив, парите од банките завршуваат во буџетот како постабилна и побезбедна опција. Сведоци сме какви се потребите на бизнисот, посебно во периодов во услови на криза. Оттука мислам дека треба да се внимава во овој процес – вели Славески.

Тој смета и дека народната обврзница ќе биде сериозна конкуренција на банките и ќе биде мотив за нивна реакција за зголемување на каматите.

- Advertisement -
Ad image

– Сигурно ќе има дојде до одлевање на депозитите од банките, што ќе придонесе за мотивација на банките да ги коригираат каматите и да понудат нови погодности за штедачите, а тоа ќе придонесе и за раздвижување на каматите – вели Славески.

Економистот Маријан Николов смета дека со востановувањето на народната обврзница, освен што Владата ќе се задолжи поевтино дома, може да се очекува граѓаните да инвестираат дел од парите кои ги чуваат под перница од различни причини.

– Притоа, за целиот процес да биде успешен и да ја постигне целта, од голема важност ќе биде како Владата на граѓаните ќе им ги објасни поволностите, условите, приносите и безбедноста на инвестирањето во народна обврзница, бидејќи најголемиот дел од граѓаните кои досега штеделе во банки не ги знаат поединостите кои се однесуваат на тргување со обврзници. Многу е важен и моментот на колку години ќе бидат овие обврзници и дали вложените пари граѓаните ќе можат предвреме да ги откупат, како што тоа беше и со државните обврзници од денационализацијата. Сите тие работи треба да ги знаат граѓаните, за да се одлучат на една ваква инвестиција – вели Николов.

- Advertisement -
Ad image

Тој смета дека банкарскиот сектор нема да биде загрозен со издавањето народна обврзница, бидејќи тој располага со ликвидни средства, но затоа пак ќе има раздвижување на пазарот на капитал и на каматите.

– Од аспект на задолжувањето на државата, потребно е однапред да се знае каде овие пари ќе ги употреби државата – категоричен е Николов.

Освен народни обврзници, од Владата најавуваат дека до крајот на годината ќе се воведат и уште два други инструмента. Станува збор за т.н. проектна обврзница, која би им се понудила на другите инвеститори, а за прв пат се планира да почнат подготовки за издавање и на „зелени обврзници“. Од Министерството за финансии велат дека станува збор за тренд во кој би се вклучила и државата, а за кој веќе има заинтересираност на инвеститорите. За подготовките на целиот процес потребни се 6 до 8 месеци.

Во моментов вкупниот јавен долг изнесува 7,27 милијарди евра, што според податоците на Министерството за финансии е 55,4% од домашниот бруто производ.

Share This Article