Владата на Хрватска на денешната седница донесе одлука да прогласи крај на епидемијата на коронавирус, а ќе биде донесена и одлука за укинување на обврската за носење медицински маски или маски за лице.
„Со прогласувањето на епидемијата на 11 март 2020 година, беа воспоставени потребните инструменти за заштита на здравјето на населението, истиот ден кога СЗО ја прогласи пандемијата. Ковид-19 најверојатно ќе биде трајно присутен кај населението, со помал или поголем интензитет. Ќе може новите варијанти да бидат позаразни или помалку вирулентни“, изјави министерот за здравство Вили Берош, а пренесува ХРТ.
Тој исто така потсети дека СЗО на 5 мај објави дека повеќе не го смета Ковид-19 за закана за јавното здравје.
„Прогласувањето крај на епидемијата во Хрватска се заснова на досега стекнатото знаење за вирусот, последиците од болеста и можноста за заштита на населението“, додаде тој.
Вицепремиерот Давор Божиновиќ изјави дека по прогласувањето крај на епидемијата, нема причина Штабот за цивилна заштита да одлучува за неопходните епидемиолошки мерки.
Премиерот Андреј Пленковиќ им се заблагодари на здравствените работници и на сите структури кои учествуваа во борбата против пандемијата.
„Изразуваме сочувство уште еднаш до семејствата на 18.000 луѓе кои загинаа за време на епидемијата“, рече Пленковиќ.