Шефот на Вагнер бесен и се заканува: Ќе му ги извадиме забите на Макрон
Шефот на одредот Вагнер, Евгениј Пригожин, пука од гнев – повторно.
Овој пат тој беше бесен од францускиот парламент кој неговиот платеник одред го прогласи за терористичка организација. Во средата Пригожин директно му се закани на францускиот претседател Емануел Макрон, пишува Politico.
Одговарајќи на прашања на руските новинари, Пригожин тврдеше дека Вагнер спасува животи во Централна Африка, каде што одредот го консолидирал своето присуство и ги турнал Французите од регионот. Пригожин рече дека спасувале луѓе од француски војници, „кои ги исмевале“.
„Можеме да користиме клешти за да извлечеме скапани заби од тие скапани усти“, додаде Пригожин. „Можеме да му ги извадиме забите на Макрон и генерално на сите што исфрлаат отровна кал за Вагнер.
Во вторникот француските парламентарци ја повикаа ЕУ да го стави Вагнер како терористичка група и да користи правни алатки за да ги блокира финансиските активности на групата во Европа. Европската унија во април минатата година воведе санкции за лично Пригожин.
„Ова не се само платеници, тие се подготвени да масакрираат цивили за политичка моќ, да ги дестабилизираат институциите“, рече Бенџамин Хадад, пратеник во францускиот парламент од партијата на Макрон, пред гласањето во вторник.
Платениците на Вагнер активно учествуваат во руската инвазија на Украина и покрај долготрајните политички конфликти меѓу Пригожин и руските претставници од Министерството за одбрана.
Оваа паравоена група најмногу учествува во битката за Бахмут, каде и Русите и Украинците се заглавени во крвави безнадежни позиции. Вагнер, наводно, направил безброј видеа на кои е прикажано мачењето, па дури и обезглавувањето на воените заробеници. Во април оваа година, двајца поранешни команданти во одредот и поранешни затвореници признаа дека убиле украински цивили и деца по наредба на самиот Пригожин. Минатата година, платеници снимија видео на кое наводно се гледа како нивниот војник е егзекутиран со чекан, откако го обвинија дека соработувал со Украинците.
Политико не можеше да ја потврди автентичноста на видеата објавени од Вагнер. Сепак, во ноември минатата година, Пригожин испрати чекан до Европскиот парламент, со што одговори на повиците на некои европратеници да го вклучат Вагнер во списокот на терористички организации.