ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце при носење на законските измени за коридорите, информира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Велес.
Мицкоски вели дека чека реакција од страна на канцеларијата на Европската комисија во државава и очекува реакција на амбасадорите кои што се земји членки на ЕУ.
– До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот, е на брза трака, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности.
– Наше е да ги предупредиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се бориме против цела Европа и Европската комисија, не можеме да се бориме против криминална власт и политичари кои што се дел од оваа коалиција на СДСМ поддржана од помалиот партнер ДУИ но треба да направиме се што е во наша моќ за да укажеме на јасното кршење на законите, уставот и процедурите во Македонија и да упатиме со јасни факти на криминалниот карактер на овој тендер кој што има за цел да отпочне со изработка на делови од коридорите 8 и 10Д. Проект кој што започна со трошење на неколку стотици милиони евра народни пари за пенали и аванси а гледате вие дека ниту лопата е фрлена, ниту пак шајка е закована – нагласи Мицкоски.