Европкомесарот за прошурување Оливер Вархеји го осуди одбивањето за влез на европратеникот Андреј Ковачев во Македонија на 6 мај.
„Ја повикуваме Владата на Северна Македонија итно да ја разјасни ситуацијата. Одбивањето за влез на член на Европскиот парламент е многу сериозна одлука“, напиша тој на Твитер пред вечерашната седница на Европскиот парламент на која е можно да се иницира расправа за ова прашање.
Манфред Вебер, лидерот на Европската народна партија – ЕПП, забраната за влез на Ковачев во Македонија ја оцени како случај без преседан.
„Силно го осудуваме одбивањето за влез на европратеникот Андреј Ковачев на 6 мај во Северна Македонија. Тоа е без преседан и едноставно неприфатливо. Ја повикуваме Владата на Северна Македонија итно да ја разјасни ситуацијата. Попладнево ќе го покренеме прашањето на пленарна седница“, порача Вебер на Твитер.
Претседателката на ЕП, Роберта Мецола рече дека тоа е жален инцидент и дека секој европратеник има право да го исполни својот мандат.
– Ќе се обратам до претставниците на РСМ да го констатираат тоа исклучително јасно – изјави Мецола.
Реакциите скедуваат откако македонската гранична полиција во саботата не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев и на уште четворица Бугари кои тргнале да учествуваат на панихида на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, нагласија од МВР.