Живко Мукаетов во интервју за Ал џезира зборува за тајната на успехот на „Алкалоид“

Lorita
By Lorita 15 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на близу 90-годишното постоење на компанијата, вели Мукаетов во интервју за Ал џезира, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија. Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот. Мукаетов е претседател на Ракометната федерација на Македонија и голем покровител на спортот.

На прашањето што е тајната на успехот, Мукаетов вели:

– Тајната е нешто што ние си го знаеме, така да кажам. Факт е дека тоа е еден сплет, како што кажав, на посветеност, тимска работа, сакање на компанијата, лојалност. И, од друга страна, континуирано инвестирање во едукацијата на вработените кои растат со компанијата, каде што тоа оди двонасочно. Од една страна, менаџментот се труди да води грижа колку може за своите вработени, а, од друга страна, вработените посветено даваат придонос една компанија да се развива како што треба.

Мукаетов се осврнува и на својот личен развој. Завршил Машински факултет во Скопје и постдипломски студии по маркетинг во Лондон, Британија. Почнал во 1999 година и прво работел во службата која тогаш се нарекувала Пропаганда. Потоа се вклучил во активности во делот на маркетингот, продажба во сегментот фармација, па добил одговорност да го води профитниот центар Фармација. Во 2005 година веќе бил ангажиран на ниво на целата компанија, а во 2006 година бил назначен за генерален директор. Во 2007 кога починал неговиот татко Трајче Мукаетов, кој пред тоа ја водеше компанијата од 1985 година, Живко станал и претседател на Управниот одбор.

– Ние сме посебно горди што од 2005 година, па наваму секоја година компанијата расте во однос на годината претходно. Компанијата има пораснато некаде за 4 и пол пати во последните 17 години. Се должи, како што кажав, пред сѐ, на градењето портфолио на производи, развој на производи кои имаат додадена вредност, производи кои можат да се диференцираат од конкуренцијата врз база на својот квалитет, својата препознатливост и својата компетитивност онаму каде што ги продаваме. Но за да се постигне сето тоа, пак сѐ се сведува на квалитетот на она што го работат луѓето, на квалитетот на нашите кадри, кои без комплекси можат да се носат со која било конкурентска компанија каде било во светот.

Како нѐ гледаат во САД?

– Во Америка нѐ гледаат како европска држава и како европски производител. Интересно е што во Америка мислам дека довербата полесно може да се изгради отколку во Европската Унија, затоа што таму е важно да имате квалитетен производ, важно е тој производ да биде уникатен. На пример, ние сме таму најприсутни со органските чаеви и со чаевите од типот на безглутенски состојки во нив. И тука треба да барате некоја уникатност за да се диференцирате од останатите. Но факт е дека во Америка нѐ доживуваат како европски производител и тоа ни дава предност. Посебно што со оние партнери со кои сме почнале да работиме и со кои традиционално долги години работиме имаме една меѓусебна доверба и јас искрено сум многу задоволен од тоа како ние се развиваме на американскиот пазар. Но тука не застануваме. Нашата амбиција е и во сегментот на фармацијата да се позиционираме на американскиот пазар, нешто што досега сѐ уште не ни успеало, но јас сум убеден дека со капацитетот кој го имаме, со квалитетот на нашите луѓе и со портфолиото на производи кои доаѓаат ќе можеме да се позиционираме и во САД.

 

Како влијаеја пандемијата со ковид-19 и војната во Украина врз работењето на „Алкалоид“?

- Advertisement -
Ad image

– Сметам дека тука повторно покажавме дека се адаптираме брзо на ситуациите. Многу оперативен менаџмент, посебно на почеток кога се појави ковид-кризата. Ние бевме принудени дури, од една страна, каналите на обезбедување суровини да ги обезбедиме одново, затоа што дел од европските земји забранија нивните производители на суровини да ни продаваат во тоа време суровини, за ние да можеме да произведуваме дезинфициенси и други производи кои беа врзани за потребата во тој момент. Мислам дека се направи една здрава мобилизација, оперативен менаџмент, секој ден во рамките на компанијата. Дури и успеавме да преадаптираме дел од машините кои во тоа време правеа парфеми и креми за да може да произведеме поголема количина дезинфициенси. Сметам дека апсолутно одговоривме на предизвикот како што требаше. Посебно важно во тоа време беше на нашето население да му ги обезбедиме тие производи. Сега продажбите се вратени малку над нивото пред ковид-кризата, така што тоа повторно ќе биде еден мал сегмент во рамките на она што го работи „Алкалоид“.

За инвестирани нешто повеќе од 104 милиони евра Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан неодамна Ве прогласи за водечки инвеститор во регионот. Какви ресурси има овој регион, регионот на Западен Балкан, кои ги користите во вашата работа?

– Прво би сакал да кажам дека за нас е огромна чест да се добие една таква награда. Мислам дека е апсолутно заслужено затоа што компанијата е влезена во еден сериозен инвестициски циклус во многу сегменти од работењето. Дали се тоа нашите производни капацитети, дали новите технологии, дали е тоа истражување и развој, дали е тоа магацинскиот простор, значи во разни сегмент од работењето, и сметам дека тоа треба да биде поттик и за другите компании континуирано да инвестираат. Околу самиот регион, јас искрено регионот го доживувам како домашен пазар. Сметам дека регионот културолошки е многу сличен. Ние сме многу блиски со сите луѓе во регионот. Од друга страна, факт е дека во регионот има многу простор за градење синергија. Ние, на пример, имаме конкурентски компании кои ни се партнери во одредени проекти во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Србија. Од друга страна, регионот го доживуваме и како една можност за натамошно развивање на самата компанија. Така, на пример, ние инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија, инвестиравме во хемиска лабараторија во Љубљана. Нашата, да кажеме, Служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот.

- Advertisement -
Ad image

Што би им порачале на регионалните бизнисмени овде од Балканот? Што е најбитно за бизнисот во регионот?

– Прво мислам дека треба да бидеме максимално рационални. Сето знаење кое е акумулирано во компаниите да се разменува. Да се бараат форми на синергии, на соработки за сето тоа да нѐ доведе во позиција да бидеме поконкурентни и поквалитетни. Од друга страна, сметам дека треба да бидеме многу погласни, затоа што сметам дека дефинитивно во регионот, за жал, политиката некако не дава шанса она што компаниите можат да го постигнат преку тие заеднички соработки, и оние сите, како што кажав, заеднички градена додадена вредност која може да се створи, некако не успеваме како бизнис да бидеме доволно гласни во регионот. И, како што кажувам, некако, за жал, политиката е над она што го прави бизнис-заедницата. Би ја зел Словенија за споредба. Една земја којашто излезе од екс Југославија, таму веќе можете да видите еден сосема друг сооднос на сили, каде што дефинитивно бизнис-заедницата диктира и затоа таа држава се развива, оди напред со едно темпо кое за сите нас останати, за жал, веќе е толку далеку да може да го фатиме.

И македонското општество помина многу турбуленции во последните години. Што би му порачале на менаџментот на оваа држава? Како да се тргне напред?

– Сметам дека она што го кажав за регионот веројатно во Македонија е уште повеќе изразено. Ние, за жал, имаме ситуација на едно политизирано општество, на општество кое е разделено на табори. Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива една држава, модерна, една држава која би била капацитативна, која би била конкурентна на многу полиња. И, за жал, таа доминација на политиката версус она што е еден нормален развој на една држава ја чувствуваме во сите пори на општеството. Ние имаме објективно многу послаб образовен систем од она што беше при преминот од старата во новата држава. Имаме еден здравствен систем кој сите чувствуваме дека не е како што треба. Имаме една кадровска политика каде што во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет; каде што сме сите заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите меѓу партиите, од една страна, и сите административни ентитети и сето тоа на крај се одразува наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис-заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на тоа како државата функционира секојдневно.

Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?

– Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет.

Што се однесува до фармацијата, каде ја гледате иднината со оглед на развојот на вештачката интелигенција?

– Па вештачката интелигенција доаѓа по разни основи. Но јас би кажал дека колку вештачката интелигенција и да доаѓа секогаш приматот треба да го имаат луѓето. Треба да го има човекот. Сметам дека сите овие предизвици низ кои поминавме уште повеќе покажаа колку е важен човекот, колку се важни кадрите и дека ништо не може да се направи доколку немате квалитетни луѓе со добри вредности, посветени, кои си ја сакаат својата работа, така што, да, вештачката интелигенција доаѓа. Да, имаме разни форми на персонализирани фармацевтски форми кои ќе доаѓаат во иднина, но луѓето се клучни за сѐ.

Очекувате ли можеби дека ќе се изнајдат и лекови за болестите кои засега се неизлечливи?

– Јас се надевам. Јас му се молам на Бога. Сите ние во нашите семејства сме имале луѓе кои ни биле блиски, кои сме ги знаеле, кои починале од неизлечливи болести. Јас апсолутно се надевам дека посебно мултинационалните компании уште повеќе со текот на времето ќе успеат да развијат лекови со кои ќе може да се продолжи просечниот живот на луѓето. И тука апсолутно, еве, и ние како фармацевтска индустрија во нашиот дел се трудиме да придонесеме, да развиеме форми кои ќе им користат на луѓето и секој на свој начин барем малку да придонесе да се подигне и од тој аспект квалитетот на животот.

Господине Мукаетов, за крај, како го поминувате слободното време? Што ве исполнува приватно? Имате ли време за слободни активности, за читање, за спорт?

– Мене најмногу ме исполнува моето семејство. Многу сум среќен што сме едно пошироко семејство, сопругата, децата, и сето останато врзано со активностите, дружењето со нив, одењето некаде да се искористи викендот колку може. Инаку се трудам да најдам малку време и за трчање, што мислам дека ме релаксира. И, секако, следејќи ги посебно ракометните натпревари, тука знае енергијата да излезе.

Share This Article