Владата воведува работно време како пред 137 години со кое овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела што е преседан и во светски размери и директен атак врз здравјето и безбедноста на работниците, порачаа од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), како и Унијата на независни синдикални и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) во заедничко соопштение осудувајќи ја одлуката на Владата предлог измените за коридорите 8 и 10д да се носат со европско знаменце.
Синдикатите истакнуваат дека ова е најцрниот ден за работниците во државава и најавуваат дека жестоко ќе го бранат правото на 40 часовна работна недела.
„ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ како најголеми синдикални централи во Македонија, кои заеднички здружуваат повеќе од 150.000 работници во Македонија, најостро ги осудуваат одлуките на Владата, по итна постапка и со европско знаменце да воведат неевропски вредности во Македонија, без расправа и согласност на социјалните партнери. Со оваа одлука Владата не води грижа за животот и здравјето на работниците туку единствено ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства“, се вели во соопштението.
Осуда за ваквите ставови и намери на Владата, стои во соопштението, беа доставени и од Европската конфедерација на синдикатите – ЕТУК, Светската конфедерација на синдикатите – ИТУК, Европската федерација за градежништво и дрвна индустрија и Светската организација за градежништво кои имаат повеќе од 300 милиони членови кои рамо до рамо застануваат со синдикатите од Македонија.
„Синдикатите ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ ќе ги преземат сите чекори да ги заштитат работниците и работничките права и жестоко ќе го бранат правото на 40 часовна работна недела, 8 часа работен ден, 8 часа одмор и 8 часа време со семејството и рекреација!. Функционери претеравте, работници обединете се!“, се наведува во соопштението.