Хрватскиот капитен Лука Модриќ е под знак прашалник за финалето на Купот, како и за полуфиналето од Лигата на шампионите.
Оваа сабота фудбалерите на Реал Мадрид против Осасуна ќе го одиграат првиот клучен натпревар сезонава, без нивната десетка?
Поради повреда на мускулот на препоните на левата нога, Модриќ прескокна два првенствени натпревари, против Алмерија и Реал Сосиедад, со цел да биде подготвен за клучните натпревари оваа сезона.
Првиот е саботното финале во Копа дел Реј против Осасуна, а второто е полуфиналето од Лигата на шампионите против Манчестер Сити, кое ќе се игра три дена подоцна во Мадрид. Еве зошто, наводно, капитенот на Ватрени отишол сè до Белград, каде ја посетил познатата докторка Маријана Ковачевиќ.
Лука Модриќ пристигна во Белград за да го реши проблемот
Таа е позната во целиот свет по нејзините специфични и доста успешни методи за санирање на повреди на мускулите. Таа им помогна на бројни спортски великани да се вратат на обврските пред прогнозите што ги даваа некои други лекари, па затоа Модриќ самоуверено и се обрати.
Во таа насока отидоа и прогнозите од мадридскиот табор, тренерот Карло Анчелоти триумфално најави дека Модриќ би можел да биде подготвен за финалето против Осасуна, но последните информации од Мадрид не се толку оптимистички.
Последните информации од Шпанија не се добри
Шпанските новинари го следеа последниот тренинг на мадридскиот тим на кој Модриќ „едвај учествуваше“, поради што тврдат дека хрватскиот капитен е под голем знак прашалник за саботното финале, пишува Marca.
Доколку го пропушти финалето на Купот, сите погледи ќе бидат насочени кон неговото враќање за првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Манчестер Сити. Овој пат времето не му оди во прилог, не останува уште многу време за опоравување, но не би било првпат Модриќ да стиска заби и да одигра одличен натпревар…