More

    Обраќање на Ковачевски во Советот за безбедност на ООН

    spot_img

    „Новата Агенда за мир на Генералниот секретар Гутереш е шанса што треба да ја искористиме и во функција на создавање услови за многу поединствена акција, со свест за растечките ризици. Утрешниот ден ќе не праша што сме правеле денес, како што денес се прашуваме зошто не сме дејствувале вчера. Потребен ни е мир!“, рече премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

    Ковачевски се обрати покана на претседавачот, Швајцарија. Тој е првиот македонски премиер кој се обраќа пред Советот за безбедност на ОН.

    Советот за безбедност на ОН има 15 членки, од кои пет се постојани со право на вето – Франција, Велика Британија, САД, Кина и Русија, а десет се избираат на период од две години, но така што секоја година се заменуваат по 5 членки.

    Советот за безбедност на ОН е орган на Обединетите Нации кој има за задача да го одржува мирот и безбедноста помеѓу нациите. Иако другите органи на ОН можат да даваат само препораки на владите на земјите членки, Советот за безбедност има моќ да носи одлуки кои земјите членки мора да ги спроведат, се наведува во владиното соопштение.

    Во продолжение, го објавуваме обраќањето на Ковачевски во целост:

    „Благодарам г-дин Претседавач,

    Честитам за првото претседавање на Швајцарија со Советот за безбедност и ја поздравувам денешната дебата посветена на прашањето на мирот. Ова е уште една потврда дека Швајцарската Конфедерација е посветена на благородната кауза на мирот, мирното решавање на конфликтите и на меѓународното право.

    Посебно сум почестен што сум првиот македонски премиер кој зборува пред Советот за безбедност и што на ваша покана денес ќе имам можност да придонесам во дискусијата.

    Сметам дека нашите денешни ставови, треба да се потпираат и на  позитивните искуствата од минатото, кога ОН и мутилатералниот систем се покажаа ефикасни.

    Денес, кога имаме морална обврска да придонесеме кон Новата Агенда за мир, не можеме, а да не ги погледнеме искуствата на старата Агенда од 1992 и почетоците на долгогодишната прва и единствена превентивна Мисија на ОН, во нашата земја, пред 30 години. Таа мисија беше најшироко оценета како успешна превентивна акција на ОН.

    Основа за градењето на мирот е јакнење на довербата и превенцијата, а одговорноста за тоа е кај нас, Владите на државите членки на ОН. Тоа е многу пати пати повторено, а во нашиот случај потврдено и во пракса. Нашиот прв претседател Киро Глигоров, во тешките години на војни на просторот на поранешна Југославија, со својата мудрост, одговорност и посветеност на мирот овозможи мирно осамостојување и меѓународно етаблирање на Северна Македонија, како независна и суверена држава.

    Во време на војна во најблиското соседство, ние имавме сопствена, национална агенда за мир која нужно подразбираше обезбедување на внатрешен консензус, но и тесна соработка со ОН, како и со регионалните организации, пред се ОБСЕ и ЕУ. На тој начин се создадоа предуслови за успешната превентивна мисија – УНПРЕДЕП. Се спречи прелевањето на конфликтот, беа сочувани мирот и стабилноста, а со тоа спасени безбројни животи и спречени непотребни разурнувања. И што е исто така многу важно: се креираше доверба и полека но сигурно се развиваше културата на дијалог како единствен начин за надминување и на најсериозните предизвици.

    Токму преку таа култура на отворен дијалог Северна Македонија 30 години подоцна е земја пример за решавање на отворени прашања и дома и со соседите.

    Изминативе 30 години ние донесовме многу тешки одлуки. Тешки, но визионерски и храбри одлуки, кои ни овозможија денес да сме земја членка на НАТО и да имаме отпочнати преговори со Европската Унија со заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура.

    Од земја која пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, денес сме фактор на стабилност и домаќини на преговори помеѓу други земји.

    Господине Претседавач,

    Неопходно е да ја засилиме довербата во нашите институции, во ОН, во правдата. Во нашата акција треба да бидеме водени пред се од принципите на Повелбата на ОН, мирното решавање на конфликтите, како и солидарноста, и од потребата од активен и постојан ангажман за намалување на страдањата, секаде каде што е тоа потребно.  Во тој контекст  остварувањето на Целите на Одржлив Развој се целосно комплементарни со сите настојувања за обезбедување на помирен, постабилен и поправеден свет за сите.

    За жал, денес сме многу далеку од остварувањето на таквата визија.  Руската воена агресија врз Украина, која се уште трае, до таа мерка ги смени глобалните односи што итно се наметнува потребата од повторно препознавање на нашата  референтна правна рамка, донесена од страна на основачите. Нивната јасна намера била избегнување на ужасите од војната.

    И овој пат како и многу пати досега Република Северна Македонија цврсто застана на вистинската страна на историјата, на страната на демократскиот и слободен свет, на страната на правото на секоја земја за самоопределување.  Денес сите ние заедно мора повторно да застанеме на страната на мирот и повторно да се заложиме за почитување на Повелбата на Обединетите нации.

    Како рамноправен  дел од тогашната Федерација која била меѓу основачите на ОН, но и како држава која пред 30 години се стекна со свое самостојно место во оваа Организација, Република Северна Македонија го крева својот глас и ја споделува крајната загриженост од кризата што ја притиска Организацијата на Обединетите Нации, но и меѓународниот правен поредок, светскиот мир и стабилност.

    Новата Агенда за мир на Генералниот Секретар Гутереш е шанса што треба да ја искористиме и во функција на создавање услови за многу поединствена акција, со свест за растечките ризици. Утрешниот ден ќе не праша што сме правеле денес, како што денес се прашуваме зошто не сме дејствувале вчера. Потребен ни е мир!

    Сега и веднаш!

    Благодарам и уште се заблагодарувам за можноста да се обратам пред советот за безбедност на ОН.”

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img