Уште 18 пациенти болни од цистична фиброза, кои се во средна и тешка состојба, ќе го добијат лекот „трикафта“. Кога точно ќе се случи тоа не се знае, но претставници на Асоцијацијата на болните, кои денеска протестираа пред Министерството за финансии, добиле ветување од Владата.
Досега скапиот лек „трикафта“ го добија само 12 пациенти, а го чекаат уште околу 130, меѓу кои има и деца со цистична фиброза.
– Ние инсистиравме на системско решение, а не решение со интервентни увози и со еднократни набавки, без разлика дали од Фондот или од Министерството. Важно е да се обезбеди лек за сите пациенти – изјави Фиќи Гаспар од Асоцијацијата за цистична фиброза.