Карлос Моја, тренерот на Рафаел Надал, верува во нова титула на Ролан Гарос и покрај тоа што Рафа нема играно од јануари.
Ролан Гарос започнува на 28 мај, а претходно Надал треба да игра и на Мастерсот во Рим.
„Рафа продолжува да верува во себе и дека наскоро ќе може да игра. Секогаш можете да очекувате тој да повлече кец во ракавот. Затоа мислам дека е урбана легенда дека на Надал му требаат многу натпревари за да биде подготвен – кога се враќаше од повреди секогаш имаше добри резултати“, изјави Моја и додаде:
„Секако дека би било подобро да дојде на Грен слем со поголема подготовка, но и ние го имаме своето оружје. Вистина е дека повредата е покомплицирана отколку што првично се мислеше, но треба да бидеме оптимисти“.
Моја, победникот на Ролан Гарос во 1998 година, се осврна и на Карлос Алкараз.
„Сите зборуваат за него во суперлативи и тој тоа го заслужува. Убаво е да се гледа, тој е динамичен, вистински спектакл и игра на одлично ниво. Се надевам дека публиката уште долго ќе ужива во неговите претстави“.