Договорот со „Бехтел и Енка“ го виделе 8 пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ, кои ги поднеле 8-те закони за измени во Собранието иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од нив, немаат безбедносен сертификат, изјави денеска Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на повикот од Собранието опозицијата да предложи која Комисија и на која дата пратениците со безбедносен сертификат ќе го разгледуваат Договорот.
Според него, парламентарното мнозинство на денешната координација донело некои заклучоци кои што ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата.
– Суштината на нашето барање е според Законот за класифицирани информации. Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страници договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање. Зошто сметаме дека ова барање им следува на пратениците? Затоа што веќе е направен еден преседан. Самиот Договор имале можност да го видат 8 пратеници од ДУИ и 2 од СДСМ. Тоа се оние кои ги поднеле 8-те закони за измени во Собранието поврзани со автопатите на Артан и Ковачевски иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од овие осум, немаат безбедносен сертификат – изјави Милошоски.
Тој очекува власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации, согласно Деловникот и да им го достави Договорот, кој откако ќе го разгледаат, ќе закажат затворена седница и ќе расправаат по него.
– И сега, ако можел некој пратеник колега да има увид во Договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на 8 клучни закони, вклучително и Законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат Договорот, во најмала рака сите оние кои што имаат безбедносен сертификат, да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците. Тоа е нашето барање – нагласи Милошоски.