По повод 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, дневниот весник „Ел Нуево Хералд“ од Мајами, САД, еден од најчитаните американски весници на шпански јазик, во денешниот број објави опширен напис посветен на нашиот поет.
Во објавата за Шопов се вели дека нему „македонскиот јазик практично му го должи својот влез во светот на литературата“.
Како што потенцира француско-кубанскиот писател Вилијам Наварет, станува збор „за исклучителен пример на јазик кој се афирмира преку литературата, a особено преку поезијата, жанр што Шопов го негувал сиот свој живот“.
– Нудејќи една сеопфатна слика за македонскиот поет, од родниот дом во Штип до неговиот виртуелен „Лирски дом“ (acosopov.com), преку неговото партизанување, неговата дејност како издавач и неговата дипломатска мисија во Сенегал, статијата им посветува посебно внимание на двете збирки на Шопов објавени на шпански јазик: Lector de cenizas (Гледач во пепелта), објавена во Мексико, во 1987 год., во препев на Аурора Марија Сааведра, и Sol negro (Црно сонце), објавена во Буенос Аирес, во 2011 год., во препев на Луиса Футорански. Но текстот се осврнува и на збирки објавени на македонски, како „Стихови за маката и радоста“, „Слеј се со тишината“ и „Небиднина“ – велат од Министерството за култура.
„Под плаштот на едноставноста“, пишува Наварет, „неговите зборови клокотат, проречуваат, ечат, интригираат. Љубов, гнев, вчудовиденост пред мистеријата на животот, болка, болештија? Поетот никогаш до крај не го трга мистериозниот превез над неговите најинтимни мисли, а неговата филозофска перцепција за смртта и за животот, односно за сè она необјасниво но и бестелесно што нè надминува нас како луѓе, ја пушта само по суптилни врвици да излезе на виделина“.
За песната „Небиднина“, Наварет смета дека таа го „сумира вознемирувачкиот и понекогаш непробоен поетски универзум на Шопов“.
Статијата на Вилијам Наварет се осврнува и на чествувањето на Ацо Шопов во УНЕСКО, на 21 март годинава, што се одржа во рамки на „Годината во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, во соработка со Министерството за култура.
– Весникот најавува и некои од следните моменти на „Годината во чест на Ацо Шопов“, како фестивалот на анимиран филм Флипбук во Скопје и Струшките вечери на поезијата. Објавена е во печатената како и на интернетската страница на Ел Нуево Хералд (https://bit.ly/3HquC9z), во која статијата може да с слушне и во аудио верзија – посочуваат од Министерството за култура.
Основан како додаток на „Мајами Хералд“ во 1977 година, а независен од 1998 година, „Ел Нуево Хералд“ е еден од двата највисоко тиражни весника на шпански јазик во САД и покрива вести од цела Латинска Америка.