Почнува садењето на тутунот од новата реколта. Засега некои производители од Прилепско-пелагонискиот регион почнаа да садат, а поинтензивно ќе биде во текот на мај.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, вели дека годинава со откупувачите е договорено производство од околу 26.400 тони, што е повеќе од лани и очекуваат добра година.
– Моментално тутуновиот расад е добар и се очекува временските услови да помогнат и навреме да се засади. Можеби причината е што лани тутунарите добро поминаа: родот беше квалитетен, брзо се откупи и се постигна просечна цена од 290 денари за килограм. Сепак, останува да се види дали договореното ќе се исполни – изјави Стомнароски.
Тутунарите и годинава ќе бараат зголемување на цената на тутунот, зашто се зголемени трошоците за производство.
– Очекуваме добра производна година, иако многу зависиме од временските услови. Очекуваме цените да се зголемат, да стигнеме до реални исплатливи цени за одржливот на тутунопроизводството. Само исплатливоста може да ги привлече помладите генерации да го садат тутунот за да не остане само повозрасните да се занимаваат со тутунопроизводството – смета Стомнароски.
Деновиве на тутунарите им се исплаќаат субвенциите за ланската реколта. На околу 16.000 тутунари за ланскиот род им се префрлени 26 милиони евра. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, при посетата на Прилеп ги увери тутунарите министерството и државата остануваат да ги поддржуваат производителите, бидејќи тутунот е стратешка култура.