Русија изврши бран воздушни напади врз градови низ Украина, вклучително и Киев, при што загинаа најмалку 13 лица, јавува Би-Би-Си.
Единаесет лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во нападот што погоди станбен блок во централниот град Уман, соопштија официјални лица. А една жена и нејзината тригодишна ќерка се убиени во градот Днипро, изјави локалниот градоначалник.
Експлозии се регистрирани и во градот Кременчук во централна Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека станбениот блок е меѓу 10-те станбени згради оштетени во Уман. Државната спасувачка служба соопшти дека убиеното дете во градот е родено во 2013 година и дека на уште 11 лица им е потребно болничко лекување.
Зеленски рече дека нападите покажале дека е неопходно да се преземат дополнителни меѓународни активности против Русија.
„Злото може да се запре со пушки – нашите бранители го прават тоа. И тоа може да биде запрено со санкции – глобалните санкции мора да се зајакнат“, рече тој во твитот.
Шефот на воената управа на градот Киев изјави дека тоа е прв руски ракетен напад врз главниот град во последните 51 ден.
Нема информации за цивилни жртви во главниот град.