Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на настанот ,,БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“ организиран од страна на здружението за заштита при работа на општина Битола, здружението за безбедност при работа „28ми април”, Скопје и здружението на инженери за заштита „Тутела’’, Скопје. Настанот беше организиран по повод одбележување на 28 април Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
„Свесноста за значењето на здравјето и безбедноста при работа се гради од најмала возраст, затоа што денешните деца, утре ќе бидат активни учесници на пазарот на труд, дали како вработени, како работодавачи или креатори на политики. Веќе втора година имам чест да бидам дел од прославата со децата, да сведочам на нивните дела, но и на нивната перцепција за важноста на безбедноста на работното место“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека особено е важно децата на креативен начин да се вклучени во образовните процеси. Ги пофали творбите од децата за денот на БЗР и врз основа на нив порача дека само безбеден и здрав работник, може да биде продуктивен работник.
Во нејзиниот говор таа се осврна и на новиот Закон за безбедност и здравје при работа.
„Како ресорно министерство во чија надлежност се и политиките во областа на трудот, обезбедувањето на безбедноста и здравјето при работа останува да биде приоритет на кој во континуитет вложуваме. Во новиот закон за безбедност и здравје при работа, кој е во подготовка се воведува обврска за едукација на младите преку наставни содржини за безбедност и здравје при работа во постојните предмети соодветни на возраста“ информираше Тренчевска.
На крајот од настанот министерката ги сослуша стихотворбите на децата и додели награди за учесниците на конкурсот за најдобри творби, чија тема беше безбедност и здравје при работа. Исто така беа прогласени и најдобрите правни субјекти во инвестирање и имплементирање на добри практики за безбедни и здрави работни места.