По Светското првенство во фудбал минатата година, Катар ќе биде домаќин и на планетарното првенство во кошарка во 2027 година.
Ваква одлука донесе бордот на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Сите натпревари на Мундобаскетот ќе се играат во главниот град на Катар, Доха.
Одборот беше импресиониран од понудата на арапската земја. Многу важен фактор беше фактот што сите сали во кои ќе се играат натпреварите ќе бидат оддалечени најмногу половина час.
„Честитки до Катар за се што направи. Воодушевени сме што во 2027 година ќе бидат домаќини на најдобрите светски кошаркари. Сите заедно ќе уживаме таму, како и во квалификациите, кои ќе му претходат на овој настан“, изјави Хамане Нијанг, претседател на ФИБА.
На Светското првенство во Катар право на учество ќе имаат 32 репрезентации.
Планетарното првенство годинава ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и Филипини. ФИБА, исто така, утврди дека Германија ќе биде домаќин на Светското првенство за жени во 2026 година.